Економија, финансии, бизнис

Контакт

Субрата Рој предизвика штета од најмалку 10 милиони евра?

Субрата Рој предизвика штета од најмалку 10 милиони евра?
Десет милиони евра, што директна, што индиректна штета - ова според опозицискиот СДСМ се последиците од пропаднатиот договор со индискиот бизнисмен Субрата Рој за агрокомбинатот Џумајлија. „Груевски и ВМРО-ДПМНЕ скриени зад вчерашното соопштение, се охрабрија и признаа дека инвеститорот-мултимилијардер Субрата Рој бил наводен. Тие отидоа дотаму што тврдат дека никогаш како Влада не рекле дека индискиот партнер, кој им заврши в затвор поради криминал, ќе инвестирал во Македонија. Тој партнер наводно ја избра Македонија за инвестициска зона оти тука немало корупција и тој на кого му дадоа плодна земја речиси за без пари, плажи и води заштитени од УНЕСКО, за кој менуваа и закони“, изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов. Тој потсети за прашањата кои опозицијата цело време ги поставувала за инвестицијата на Рој во Македонија, по што од властите добивала одговори дека се тече по планираното. „После сето ова Груевски и Ставрески немаат право да се кријат зад соопштенија. Треба да излезат и јавно да соопштат колку ја чини Македонија нивниот бизнис договор со Субрата Рој и лично да ги понесат сите трошоци за како што велат „наводниот“ инвеститор. И конечно дали епизодата наречена Субрата Рој во себе не содржи заднина некој друг да може непречено да го приграби целото охридско крајбрежје?“, прашува Шилегов. Одговорност од Владата и од премиерот Груевски за пропаднатата зделка со инсикиот бизнисмен побараа и од опозициската Либерално-демократска партија. „ЛДП изразува жалење заради огромното фијаско на проектот Субрата, со кој премиерот и нeговите министри на крајно несериозен начин си поиграа со граѓаните, сервирајќи им успешна приказна на еден од најпримитивните начини, поттикнувајќи ја лажната надеж во оваа сериозно осиромашена земја“, стои во соопштението од ЛДП, во кое за сето ова се бара оставка од Груевски. Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираа на нападите од опозицијата со барање опозициските претставници да престанат со импутирање на зборови и произволно толкување на изјави. „А кога станува збор за инвестиции да повториме дека СДСМ е партијата која не успеа за сите години владеење да донесе макар една инвестиција. Ние работиме и носиме инвестиции, а СДСМ не правеше ништо“, соопшти владејачката партија. Според ВМРО-ДПМНЕ, со случајот Субрата Рој нема штета за државата затоа што била поставена банкарска гаранција, која веќе е активирана.
Слично

Поврзани вести