Субрата Рој плати 50.000 долари за престојот во луксузна затворска ќелија
Индискиот бизнисмен Субрата Рој му плати на затворот Тихар 3,1 милиони рупии (50.386 американски долари) за неодамнешниот престој во луксузната затворска ќелија, во која преговараше продажба за своите највредни хотели.
Во климатизираната ќелија, со телефон, компјутер и видео конференциска врска, која воопшто не наликува на вообичаените услови за престој во озлогласениот Тихар, Рој помина 57 дена безуспешно обидувајќи се да најде купувач за трите хотели во странство.
На овој начин тој се обидуваше да ги собере потребните пари за кауција за да излезе од затворот.
Сметката од околу 50.000 долари, што му ја плати на Тихар, всушност се однесува за наплата на специјални услуги, трошоци за обезбедување, осветлување, храна и слично, објаснија затворските власти.
Во луксузната ќелија Рој беше сместен заедно со двајца свои директори, кои му помагаа во преговорите. Во писмо упатено неодамна до судот, индискиот бизнисмен бара да му се вратат привилегиите, затоа што зделката за купување на хотелите била 80% договорена и оти заради прекинот на пристапот до ваквите услуги може да пропадне договорот.
Исто така, тој барал и зголемено затворско обезбедување, тврдејќи дека добива закани по живот. Индискиот бизнисмен е во затвор од март, иако уште нема формална пресуда против него, затоа што неколкупати избегнуваше да се појави пред судот и да се соочи со обвиненијата за измама на ситни инвеститори.
Б.А.
Слично
