Субрата Рој ниту ќе инвестира – ниту нема да инвестира во Македонија?!
„Ние не сме рекле ниту дека ќе инвестира, ниту дека нема да инвестира Субрата Рој. Ние сме кажале дека компанијата покажа интерес, а самиот сопственик на компанијата рече дека ќе инвестира“, ова е одговотот на премиерот Никола Груевски, запрашан за инвестициите на контроверзниот индиски бизносмен во текот на денешните пратенички прашања.
Претходно пратеникот Оливер Спасовски од СДСМ обвини дека во ликот на Субрата Рој власта видела надежи за нови манипулации.
„Му дадовте земја за нула денари и други бенефиции за кои домашните инвеститори може само да сонуваат. Заедно со вашиот кум, министерот за финансии Ставрески, му приредувате спектакуларни фестивали. Разбирливо е, вие и Субрата Рој имате слични карактеристики и се служите скоро со исти методи и верувам дека поради тоа има добра комуникација со вас“, рече Спасовски кој додаде дека згора на тоа, пред неколку дена во Скопје можело да се види синот на Индиецот, со полициска придружба, како функционер од највисок ранг во Македонија, се пренесува од една од кафеаните, кафулињата, до хотелот каде што престојувал.
Според Груевски, Владата се однесува исто кон сите странски компании и правиме се што е во нивна моќ за привлекување инвеститори. Тој пак и забележа на опозицијата дека наместо да се борат за инвеститорот, тие се бореле тој да се навреди и да си отиде.
„Не е добро тоа. Се работи за вработувања на нашите граѓани, можеме ние да имаме политички разлики, ама кога станува збор за луѓе кои сакаат да инвестираат и да отворат нови работни места, тогаш не треба така партиски да се настапува, да се одвраќаат инвеститорите“, рече Груевски.
Пред неколку дена Врховниот суд во Индија донесе одлука на Субрата Рој и на неколку директори на неговите компании, не само што им забрани да ја напуштат земјата, туку им забрани да продаваат било каков имот во наредниот период. Судот донесе ваква наредба по неуспехот на компанијата на Рој ,„Сахара груп”, да ги испорача тапиите за своите имоти во вредност од околу 4 милијарди долари, на регулаторното тело СЕБИ. Компанијата “Сахара Груп” оваа обврска требаше да ја исполни до 28 октомври. Врховниот суд пред околу три недели и нареди на ”Сахара Груп” и СЕБИ да изнајдат механизам, групацијата да врати 4 милијарди евра на измамените инвеститори.
Слично
