Студентскиот пленум ќе ги „блокира“ студентските избори
Студентскиот пленум ги повика студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ утре во 12 часот, да излезат на платото на УКИМ и да се приклучат во блокадата на студентските избори.
Студентите сметаат дека имаат право да спречат избори кои се нелегални и нелегитимни.
„Потсетуваме дека блокадата не е кривично дело како што претходно пренесоа некои медиуми. Ние сите сме членови на Студентски парламент и како такви, обесправени сме прво во делот да кандидираме наш кандидат, потоа да имаме пристап до правните акти што ги регулираат изборите, пристап до Собранието и до состаноците на Студентскиот парламент“– објаснуваат од пленумот.
Информираат дека е формирана комисија од неколкумина професори, двајца претставници од Студентски парламент и од двајца претставници од „Студентски пленум“ кои треба да подготват предлог-текст за измени на статутот на УКИМ во делот на студентското организирање.
