ДЕБАТА: Студентскиот и Професорскиот пленум утре ќе заседаваaт пред Собрание
Пред неколку минути од Професорскиот пленум соопштија дека утре (понеделник, 29 декември) во 11 часот заедно со Студентскиот пленум организираат отворено заседание пред Собранието на Република Македонија.
Имено, на ова заседание ќе ги дискутираат прашањата за организирање на претстојните масовни демонстрации на незадоволство и револт како и начинот на организиран отпор кон предложените штетни измени во образованието.
„Во екот на масовното солидаризирање на стотици професори од сите високо - образовни установи во Република Македонија во нашиот демократски и солидарен Професорски пленум, и охрабрени од одлучноста на професорите да застанат заедно за да го спречат донесувањето на новите измени и дополнувања на Законот за високо образование, во понеделник, 29 декември 2014, со почеток во 11 часот организираме отворено заседание на Професорскиот и Студентскиот пленум пред Собранието на Република Македонија“, стои во соопштението на Професорскиот пленум.
Тие ги покануваат сите поддржувачи со добра мисла да го проследат овој настан на кој исто така на народните избраници ќе им се достават писмата на професорите од Македонија, писмото на странските професори и писмото на студентите со кои се искажуваат аргументите за нашето неприфаќање на предложените измени и дополнувања на Законот за високото образование.
-Отворањето на постапката на пленарна седница на Собранието на Република Македонија во спротивност со јавно искажаниот став на најзасегнатите од овие промени, за нас е неприфатлив и недемократски чин и затоа најавуваме уште поголема мобилизација и масовно противење на ваквиот начин на носење на одлуките, велат од Професорскиот пленум.
