Студентскиот дом ,,Гоце Делчев” се распаѓа
Се урна покрив во еден од ходниците на студентскиот дом ,,Гоце Делчев” во Скопје.
Фотографијата ја објавија од Студентски пленум и реагираа на условите во кои тие живеат.
„Домовите се распаѓаат, но ние се' уште немаме добиено нов специјален студентски дом за да се спасат студентите живи од бедата во која живеат и која се руши околу нив. Ова е блокот Б во студентскиот дом „Гоце Делчев“, во кој пред некој ден се урнал дел од покривот во еден од ходниците. Овој пат немало повредени. Дали и наредниот пат нашите колеги ќе бидат еднакво среќни или пак до тогаш ќе добијат нов (специјален) студентски дом?“, велат од Студентскиот пленум.
Од Државниот студентски центар пак, сметаат дека намерно е предизвикана штетата во домот. Од таму соопштија дека била извршена интервенција и санација на срушениот дел.
Инаку, во моментот се врши реконструкција на блогот Б, а целиот студентски дом треба да е реновиран до 2017 година.
