Економија, финансии, бизнис

Контакт

Студентски пленум: Власта во последниве неколку дена магично исполнува желби

Студентски пленум: Власта во последниве неколку дена магично исполнува желби

Откако го „окупираа“ комплексот на УКИМ и прогласија Автономна зона претставниците на Студентскиот пленум се огласи и со јавно соопштение до медиумите потенцирајќи како власта во последниве неколку дена се чини дека магично исполнува желби.

Тие потенцираат дека нивните барања биле да се одложи примената на одредбите од последниот Законот за измена и дополнување на Законот за високо образование барем до 2018, со што би се оставил доволно простор за да се изработи комплетен нов закон.

„Собранието на РМ денес ќе го гласа (ако не го гласа веќе) одложувањето на промените на законот за ВО од 14.01.2015, само четири дена откако премиерот тоа го вети. Да потсетиме барањата од средбата со премиерот беа да се одложи примената на одредбите од последниот Законот за измена и дополнување на Законот за високо образование барем до 2018, со што би се оставил доволно простор за да се изработи комплетен нов закон“, велат тие.

„Со оглед на тоа што се работи за закон против кој во последните 4 месецa се јави страшен отпор, и кој беше изгласан во собранието речиси насилнички, имаме причини да се сомневаме дека ваквото попуштање (иако нецелосно) не значи дека премиерот ја увидел апсурдноста на сопствениот закон, туку дека е резултат на пошироката политичка состојба. Да не заборавиме, додека премиерот ветува, а нашите народни избраници демек гласаат, на МТВ сè уште врви рекламата колку државниот испит е супер.

Изминативе 4 месеца, кога и да пружевме отпор бевме игнорирани, или етикетирани. Се сеќавате на насловите како „Студентскиот пленум не постои“? Се сеќавате на изјавата на премиерот „Не знам зошто протестираат, нивна работа, нека протестираат“? Се сеќавате на сите црвени крукчиња?“, истакнуваат во соопштението на Студентскиот пленум на нивната официјална страна на Фејсбук.

Тие велат дека се скептични во оваа ненадејна попустливост. „Не дозволуваме да нè купи ова омекнување на реториката, бидејќи на крајот на краиштата, ништо не ни гарантира дека кога сè ќе стивне, нема да се заборави она што е ветено, а тоа е усвојување на целосно нов закон за високо образование“, истакнуваат до Студенскиот пленум.

„Новиот закон не треба да биде цел сама по себе, туку треба да ги отсликува реалните потреби во високото образование. Сакаме конечно да добиеме решенија за: честото прекршување на правото на автономија; нејасната имплементација на болоњскиот систем; неодржливиот систем на финансирање на јавното образование; несоодветните услови за стекнување на звање и унапредување во звање; постоењето на дискриминација и корупција; недоволната државна финансиска поддршка за научно-истражувачки цели; давачките за студентите кои се непотребни, нереални или недоследно трошени; корумпираните студентски претставници; недостатокот на студентски бенефиции.

Затоа Студентскиот пленум бара ректоратот на УКИМ и Министерството за образование, како надлежно министерство, писмено да се обврзат на: ● Загарантирано учество на Студентски пленум во изработката на целиот закон со цел тој да ги рефлектира студентските ставови и перспективи; ● Формирање на работни групи, во кои студенти од Студентскиот пленум, професори од Професорскиот пленум, членови на универзитетската администрација и претставници од соодветните ресорни министерства ќе бидат рамноправно застапени; ● Временска рамка со која се дефинира динамиката на изработка на законот, односно рокови за изработка на прв и втор нацрт на законот.

Универзитетот треба да претставува бастион на критичката мисла која води кон напредок. Тоа е онаму кајшто не препишуваш, кајшто не заокружуваш од понуденото, онаму каде што не ти се сервираат одговори. Онаму кај што не те учат што да размислуваш, туку КАКО“, се потенцира во соопштението.

Заради тоа, сметаме дека е нужно да се прогласи автономна зона, нагласија студентите.

Универзитетот над кој беа извршени континуирани упади мора симболично да се ослободи. Студентскиот фронт не е затворен, е пораката на пленумците.

Слично

Поврзани вести