Студентски пленум: Универзитетот е највисока образовна инстанца во општеството, и извршната власт не смее да интервенира во неа!
Вчера премиерот Никола Груевски излезе со најави за нови предлог измени за екстерното тестирање на студентите нагласувајќи дека истото нема да важи за студентите кои веќе студираат туку за идните генерации, а од студентскиот пленум денеска излегоа со повратна реакција до него.
-„Иако е неизбежно да забележиме омекнување на реториката на премиерот (истото беше случај и со министерот Адеми), сепак понатаму се инсистира на спроведување на дадената мерка. Тие се цврсти во ставот дека екстерно ќе има, што за нас е сосема неприфатливо. Би сакале да ја искористиме оваа прилика да го потсетиме премиерот дека со екстерното тестирање, во каков и да е модел, сепак се прекршува Уставот во делот автономија на Универзитетот (член 46). Универзитетот е, како што беше безброј пати истакнато, највисоката образовна инстанца во општеството, и извршната власт не смее да интервенира во неа на овој начин.
„Исто така, не заинтригира делот од изјавата на премиерот каде тој вели дека екстерното нема да важи за студентите кои веќе студираат. Дали тоа значи дека премиерот со ваквата изјава јавно нѐ помилува сите нас кои излеговме на марш во понеделникот? Целта на нашиот марш не беше помилување на тие што излегоа, туку револт поради состојбата на високото образование и надеж за промена“, велат од студентскиот пленум.
Од Пленумот потенцираат дека цврсто стојат на ставот дека нема да се откажат во името на ниту една генерација која би ги трпела последиците од реформата и ги поттикнуваат генерациите што доаѓаат да се придружат во нивните напори да го спречат воведувањето на мерката екстерно тестирање.-По изјавата не можеше, а да не размислиме на следниве прашања: Дали изјавата на премиерот значи дека тој се надева на сервилноста на идните генерации кои нема ни да помислат да се побунат против она што ние веќе го оспоруваме? Ако се сигурни во квалитетот на понудените реформи, тогаш зошто прават компромис и нашата генерација ја исклучуваат од истите?, прашуваат од Студетскиот пленум.
„Изјавено беше и дека „...постојат шпекулации дека нема да се предвиди можност за повеќекратно полагање на државниот испит“, а всушност самиот министер за образование Адеми излезе со информациите дека екстерното тестирање (т.е. државниот испит - се чини дека владините службеници ги употребуваат овие два термина наизменично) ќе биде дисквалификациско. До сега во секоја изјава како одговор на нашите барања се велеше дека во секоја натамошна акција во однос на екстерното тестирање ќе бидат консултирани универзитетите како и ние студентите. Сепак, премиерот излезе со нов модел на истото тестирање без воопшто да се консултира со било која од горенаведените инстанци. Затоа овој предлог повторно го сметаме за нелегитимен, стои во реакцијата објавена на страната на Студентскиот Пленум на Фејсбук.
Пленумот повторно сака да посочи дека уште нема никакви анализи каде потфрла квалитетот во високото образование, и како државниот испит е најефикасниот начин за негово решавање.-За нас е сè уште нејасно зошто не дебатираме за постоечките механизми за контрола на квалитет и како нив да ги направиме функционални, туку и понатаму се инсистира на ваквата мерка. Дебата околу реформите во високото образование е навистина неопходна, но таа не може да биде околу моделот на екстерното тестирање, потенцираат студентите.
Целата реакција можете да ја прочитете на овој линк.
