Економија, финансии, бизнис

Контакт

Студентски пленум: Премиерот ги потценува студентите и нивната способност да се организираат!

Студентски пленум: Премиерот ги потценува студентите и нивната способност да се организираат!
Иако министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми најави дека сеуште е неизвесно дали ќе се спроведе идејата за воведување на државни испити на факултетите  и истата допрва ќе се разгледува на владина седница во вторник, за премиерот Никола  Груевски концептот е јасен и чека зелено светло,  кое  се позивесно е дека и ќе го добие. Но, она што според реакциите на студентите е исто толку извесно е нивниот дециден став против воведување на државните испити. Од Студентскиот пленум  велат дека не се земјоделци,стечајци, партиски војници, ниту студенти по потреба, туку активна општествено зрела структура која точно знае што сака и кои се нивните цели. Уште еднаш порачаа до надлежните дека се оградуват од секаква партиска вклученост во едно од најмасовните и најсложни студентски движења, кое уште еднаш на 10-ти овој месец ќе излезе на улица. Како Пленум велат ќе се потрудат тоа така и да остане.
“Премиерот ги потценува студентите и нивната способност да се организираат и артикулираат своите ставови слободно. Исто така, забележуваме дека премиерот одново бега од вистинската дебата,која треба да оди во насока на дискутирање на потребата од воведување на мерката државен испит во високото образование. Забележуваме дека во континуитет се обидува да го дискредитира студентското движење,кое има само една цел-подобрување на високото образование и унапредување на положбата на студентите  во Македонија”велат од Студентскиот пленум.
Тие се цврсто  против  најавените државни испити и сметаат  дека воопшто не треба да се разговара за било каков модел по кој тие би биле спроведени. Пред воопшто да биде најавена ваква мерка, велат, нужни се подробни анализи според кои би се утврдиле недостатоците во високото образование, а потоа преку дебати во академската заедница да бидат предложени соодветни алтернативни мерки и начини како тие би се санирале. “Констатираме дека Владата го спроведува овој процес крајно нетранспарентно, но и дека институциите остануваат глуви на гласот на студентите”-потенцираат од Пленумот. Студентите не кријат дека за вториот студентски марш очекуваат подршка од сите добронамерни граѓани, родители, средношколци и нивни колеги студенти, бидејќи нивната борба не е за еден ден,  туку борба во која несебично се борат за сите свои сограѓани, за минатите, идните и сегашните генерации. Пленумците не сакаат и според кажувањата нема да дозволат никој да стави дамка врз нивното движење и идејата за подобро и поквалитетно високо образование,  но преку веќе постоечките механизми за кои неколку пати досега побараа преиспитување и доследно спроведување. Студентскиот активизам се шири низ другите градови! Студентскиот пленум според студентите не е и нема да биде партиски инструмент.Студентскиот активизам, велат забрзано  се шири и низ другите градови. Исто толку гласни стануваат и студентите од Битола и Прилеп. Изјавите на премиерот и за нив се очекувани, особено по првиот масовен  и за власта неочекуван студентски марш на кој според нив била пратена  порака за досега невидено студентско единство.
“Нивните изјави се баш такви какви што се затоа што тоа е единствениот "аргумент" со кој можат да се послужат и оправдаат за студентите. Ние не сакаме партиска поддршка, но сакаме поддршка од секој оној кој го дели нашиот став. Партиските етикетирања, тоа е најмала точка на интерес на Студентскиот пленум во реализирање на своите цели. Пленумот од самите почетоци, посочува дека е политички чинител како иницијатива родена од неправилни политички реформи во високото образование, но не и партиски инструмент. Партиската определба на студентите е ирелевантна и нешто што ниту во најмала рака не го засега Студентскиот Пленум”-вели Јане Коруноски, студент по психологија на Меѓународниот  Славјански Универзитет  во  Битола  кој беше и еден од најактивните учесници на Студентскиот пленум во Прилеп кој се одржа во понеделникот.
Прилепските студенти во сабота ќе го одржат вториот Студентски пленум во Прилеп, на кој ќе се одлучи како ќе ја изразат подршката на своите колеги во Скопје за вториот студентски протестен марш низ скопските улици. Коруноски потенцира дека во Студентскиот пленум има место за секој оној кој се грижи за квалитетот на високото образование, бидејќи тие делуваат како студентска  независна хоризонтална структура. Нивната единствена книшка која ги  прави единствени, повторува  е индексот.
“Изминатиот понеделник, по иницијатива на неколку од прилепските студенти, и се разбира под координација со нашите колеги од студентскиот пленум во Скопје, беше одржан студентски пленум во Прилеп на кој што присуствуваа студенти од Економскиот Факултет, туденти од Правниот Факултет од Битола, од Славјански Универзитет од Битола,  а имавме поддршка и од неколку средношколци кои се одлучиле за таков храбар потег штом го виделе настанот на социјалните мрежи. Ова е пионерски но голем чекор во зголемување на бројот на студенти но и средношколци кои треба да излезат и да го дадат својот став против воведување на државни испити”-вели студентот Коруновски од Прилеп.
Студентите од Прилеп веруват дека нивниот број ќе биде уште поголем поради се поизразеното незадоволство на студентите но и одсредношколците и родителите од  идејата за воведување на надворешно оценување преку државни испити во втора и четврта година од студиите, кое треба да го проверува нивното знаење и врз кое треба да се темели оценката за квалитетот на високо образовните институции. Студенти:Нашето знаење да го проверува само оној кој знае повеќе од нас! Студентите членови на пленумот од Прилеп велат дека стојат рамо до рамо  со своите  колеги од целата Македонија. Голем дел од нив беа присутни на првиот студентски марш, а подршката  велат ќе продолжи да се интензивира, бидејќи нивното знаење единствено може да го проверуваат оние кои знаат повеќе од нив.
“Сите сме заедно, без разлика на етничка, или политичка определба затоа што студентскиот пленум е партиски независна студентска организација што значи дека одлуката на сите студенти од целата држава е едногласна,а тоа е дека  не се откажуваме. Нашето знаење може да го проверува само оној што знае повеќе од нас”-додава студентот Jане Коруноски.
Студентскиот пленум деновиве интензивно ќе работи на подготовки за престојниот студентски марш закажан за 10 –ти декември. Велат дека датумот е избран поради симболиката за одбележување на денот на човековите права што задира кон нивната единствена цел почитување на уставно загарантираните права на студентот за негово школување  и обезбедување на квалитетно високо обраозвание. С.Б.
Слично

Поврзани вести