Студентски пленум: Основното барање беше и останува исто – повлечете го законот!
„Повлечете го законот, па ќе дојдеме на дебата“, ова денеска го порачаа од Студентскиот пленум, заклучувајќи дека како и сите испратени пораки, така и најголемата порака за потребата од дебата за новите законски решенија е извадена од контекст (спинувана).
Од Студентскиот пленум велат дека со зачудување гледаат на излагањето на Премиерот на понеделничката „дебата“ во Собранието на РМ.
„Според него, веќе три месеца се водела дебата околу измените во Законот за високо образование. Затоа, се чини со право, се запрашуваме: дали е тоа истиот човек кој пред три недели во интервју за телевизија Канал 5 изјави дека не знае зошто Студентскиот пленум протестира, па и претпостави дека сето тоа е поради „некаква младешка бунтовност”? Дали тој мислеше на истиот период во кој, иако Студентскиот пленум постојано го бараше тоа, неколкупати беа одбивани предлозите за дебата со изговор дека е сѐ уште рано?“ прашуваат од Студентскиот пленум.
Сега кога законот е веќе пред второ читање во Собранието на РМ, секоја друга дебата надвор од процедурите нема да постигне ништо и е во спротивност со нашата аргументација и нашата цел, истакнуваат тие.
„Студентскиот пленум нема да ги изложува ставовите во дебати кои не можат да влијаат на законот. Нашата идеја е да дебатираме околу потребата да се воведе вакво тестирање, а не за техничките недостатоци на тестирањето. Студентскиот пленум смета дека државен испит не треба да постои во високото образование“, потенцираат од пленумот.
Само за потсетување, УКИМ експлицитно побара повлекување на предложените измени во Законот за високо образование. Заради таквата пракса при донесувањето на закони, Студентскиот пленум не дозволи да биде злоупотребен низ дебати кои легално не можат и нема да сменат ништо, освен што ќе добијат легитимитет поради учеството на најголемото студентско движење во моментов.
„Основното барање беше и останува исто - повлечете го законот. Потоа, на легален терен, и во време кога апсолутната моќ и контрола врз законот ќе биде во рацете на легитимни тела, ќе може да дебатираме сите ние заедно со професорите за најдобрите системски решенија за унапредување на квалитетот на високото образование“ стои во официјалното соопштение на пленумот.
