Економија, финансии, бизнис

Контакт

Студентски пленум: „Експресниот воз”  на власта бега од контрола!

Студентски пленум: „Експресниот воз”  на власта бега од контрола!
 Предлог Законот за високо образование кој денеска  е на второ читање на Собраниската комисија за образование, наука и спорт, според студентите, очекувано е брзо да биде изгласан. Ова велат од Студентскиот пленум ќе биде најголемата грешка на актуелната власт, бидејќи го засилува незадоволството кај студентската младина која има свои ставови и аргументи, а никој од власта досега  не ги слушна, ниту прифати. Фактот што и голем дел од професорите се обединија и застанаа на страната на вистината и тежината на аргументите, е уште еден доказ, според нив,  дека брзите законски решенија ќе донесат само несигурност  во високообразовниот  процес, а никако квалитет и знаење. Со брзината со која предлог Законот помина во првата фаза, студентите не очекуваат драстични промени во втората, но ова за нив е само почеток на нов интелектуален фронт.   “ Одговорот на прашањето дали очекуваме некакви промени во темпото кое досега ни е наметнато е краток и јасен, но искрен – не. Се чини дека темпото кое во однос на ова прашање Владата го наметна од самиот почеток нема да се намалува до самиот крај. Самото пристигнување на предлог законот во Собранието беше со прекршување на законските процедурални одредби, а со оглед на тоа како помина првото читање, и покрај нашите апели, кај Собранието не гледаме никаква волја да ги слушнат нашите тревоги. Поради ова, не очекуваме во Собранието да запре овој „експресен воз“, а загрижувачки е фактот што истиот се` повеќе и повеќе бега од контрола”-вели Кристијан Михајловски од Студентскиот пленум. u0421u043Bu0438u043Au0430 Со слични ставови е и неговата колешка Фанија Ивановска, околу досегашните отстапки од Владата. Според неа, иако надлежните реформата ја правдаат за обезбдеување на подобар квалитет и знаење за студентите, за нив ова е само  бегство од суштината на критиките. u0421u043Bu0438u043Au0430 2 “Од наша гледна точка, отстапките кои Владата ги направи во поглед на предлог законот изгледаат како фрлање прашина во очите на граѓаните. Истите главно се однесуваат на тоа да му се „олесни на студентот“ во полагањето - но притоа не можеме а да не помислиме дека станува збор за немање желба за аргументирана дебата. Имено, студентите не се пожалија дека испитот ќе биде претежок и дека ќе биде невозможно да се положи, туку пред се` посочија на спротивноста на ваквиот концепт со Уставот, на суштинското нарушување на автономијата на универзитетот. Така ваквите отстапки делуваат како диверзија наменета да го заобиколи незадоволството на студентите, наместо да цели кон подигнување на квалитетот на високото образование. Гледано во ретроспектива, Премиерот се послужи со слична тактика и претходно, кога беше најавено дека од државниот испит ќе бидат изземени оние кои моментално се инволвирани во студиите, се со цел да се намали моменталното незадоволство, таргет група на законот да бидат генерации кои не се веднаш директно засегнати од истиот, со што во голема мера се намалува нивниот мотив да реагираат”-вели студентката  Фанија Ивановска. Дебата на легален терен! Студентите уште еднаш потенцираа дека пред да се донесе било каква реформа во високото образование неопходно е да се спроведе квалитетна јавна дебата која ќе ги инволвира сите засегнати страни и низ нивните очи ќе ги анализира проблемите во високото образование. Од исклучителна важност е велат,  таа да биде транспарентна, демократска процедура при која ќе се испочитуваат сите законски прописи и чија цел ќе биде носење на нов закон со кој соодветно ќе се справат со проблемите во високото образование. “ Всушност на ова се мисли кога говориме за легален терен – дека секаква дебата која ќе се води треба да биде во рамките на процедурата наместо вон неа. Само во таков случај дебатите имаат вистинско значење и вредност. Токму поради ова одлучивме да не дадеме легитимитет на “post festum” дебати кои се чинеа како обид “pro forma” да се задоволат апетитите на студентите. Ако навистина постоеше желба да бидеме вклучени и ислушани – тоа ќе беше направено во рамки на законските процедури”-нагласува Кристијан Михајловски од Студентскиот пленум. Пленумот додава тој, останува на својот единствен став - повлекување на овој предлог закон и применување на постудиозен пристап во анализа на самите проблеми кои се застапени. Во зависност од резултатите на ваквата анализа смета дека ќе се пристапи кон конечна проценка дали со проблемите може да се справат во рамки на постојните решенија или треба да се пристапи кон изработка на сосема нов Закон за високо образование. “Самиот факт дека донесувањето на законот е во финална фаза значи дека во овој момент сите наши аргументи и сугестии се излишни. Симптоматично е дека токму во овој момент тие се отворени за нашите ставови, кои пат непрекинато им беа достаувани во изминатиот период, но тие одлучија да бидат глуви за истите. Во овој момент нашето инволвирање би било само демократски декор, а Студентскиот Пленум одбива да биде дел од такви квази дебати кои нема да вродат со никаков плод. Остануваме на нашиот став: повлечете го законот, па ќе дебатираме за идните можни законски измени во високото образование”-додава студентот Кристијан Михајловски. Нема компромис за вака поставен предлог Закон! Досега според надлежните беа прифатени повеќе предлози од Универзитетите и студентите, меѓу кои  е предлогот на Студентскиот парламент и без положен државен испит да може да се слушаат но и да се полагаат дел од  испитите  во третата студиска година. Ова според Студентскиот пленум  не е,  и не може да биде клучната промена, бидејќи проблемите со предлог законот, според нив,  се многу посериозни и суштински задираат во самата срж на поредокот врз основа на кој почива нашето општество. “Како што споменавме претходно, нашата цел во ниеден момент не беше да се жалиме дека воведувањето на државен испит ќе биде преголем товар за студентот од аспект на тоа колку тој  ќе може да се посвети на студиите, овие отстапки и олеснувања во моментов воопшто не ги сметаме за релевантни.Проблемите се поголеми и суштински.  Со оглед на тоа што на таквите проблеми не беше обрнато сериозно внимание, логичен ни е заклучокот дека ваквите компромиси претставуваат итрини. Всушност, со спорните точки кои Студентскиот пленум ги лоцираше додека овој закон беше во самиот зачеток и нема простор да се прави компромис. Како би направиле компромис со повреда на Уставот? Од овој аспект, сметаме дека лесно ќе се справиме со пазарењата околу ваквите детали кога ќе дојде време за нив, но за детали нема време додека се присутни вакви колосални проблеми”-вели студентката Фанија Ивановска. Институционално и вонинституционално делување! Има голем број на начини на кои ние би можеле да делуваме и институционално и вонинституционално. Секако секоја од наредните акции, без разлика на нивната природа, ќе биде донесена во согласност со ставовите на студентите како директно засегнати, а за истите ние константно ќе ја известуваме јавноста преку нашите соопштенија. Студентскиот пленум, потенцираат оттаму,  останува  дециден во своите ставови дека е против ова законско решение и против дебати кои ќе се однесуваат на модалитетот и начинот на спроведување на истиот, туку бара разгледување на веќе постоечките модели и решавање на постоечките проблеми. Од самиот почеток велат студентите, додека предлог законот е во оваа форма со бројни недостатоци, е некохерентен и нецелосен, едноставно нема простор да се разговара за модули на спроведување. “Сметаме дека треба заеднички да започнеме одново, да седнеме како директно засегнати страни и да ги анализираме проблемите кои го кочат македонското високо образование. Дури откако ќе ги лоцираме проблемите и истите ќе успееме да ги срочиме во анализа која ќе можеме да ја претставиме во јавноста – ќе можеме да седнеме и да разговараме за решенија. Се разбира, во име на транспарентноста, сите потенцијални мерки кои ќе се разгледуваат во едно вакво сценарио исто така ќе бидат предмет на анализа. Кога се работи за толку важна област, редно е да имаме некаква цврста основа врз која ќе се спроведуваат реформите-вели  Кристијан Михајловски од Студентскиот пленум. Оспорување на Законот  пред Уставен?! Од Студентскиот пленум не ја исклучуваат можноста новото законско решение доколку биде усвоено, да го оспорат пред Уставниот суд. Според нив, досега алармираа дека со владината реформа директно се удира врз Универзитетската автономија и се руши Болоњскиот модел на студирање и реализирање на наставата. “Пред се остануваме со надеж дека нема да мораме да стигнеме до Уставниот суд, бидејќи сметаме дека би требало да знаеме подобро и да не дозволиме да мине закон кој така силно алармира на прекршување на уставна одредба. Сепак, оваа можност е веќе разгледувана и земена предвид. Со оглед на тоа што сметаме дека овој предлог закон директно го нарушува Уставот, би било логично сценариото каде што решенијата од истиот се изведени пред Уставниот суд за да се изврши оцена на нивната согласност со врховниот правен акт на државата. Се надеваме дека во таков случај Уставниот суд внимателно ќе ги разгледа сите приложени аргументи и ќе застане во одбрана на Уставно поставениот поредок-додава студентот Михајловски. Според него,  добро е што постои диверзитет во мислењата на професорите, а  за да се дојде до вистината,  потребно да има спротивставени страни кои ќе аргументираат во двете насоки. “Го поздравуваме фактот што постојат професори кои мислат различно од нас и би биле подготвени да ги одмериме нашите аргументи со нив во една уредна процедура и транспарентна јавна дебата”- вели Михајловски. Расте незадоволството кај студентите! Од Студентскиот пленум ја следат поделеноста која се случува и во студентските  и во професорските кругови. Веруваат дека доколку се направи долга но квалитетна дебата во која ќе се пристапи со тежина на аргументите, а не со одбрана на лични или партиско-политички ставови, ќе може да се добие ново квалитетно законско решение, со кое би биле анулирани долгогодишните проблеми, ќе се добијат квалитетни наставни програми, ќе се обездеби фонд за научно-истражувачка дејност, ќе се подобри студентскиот стандард, ќе се вработуваат нови кадри... “Проблемот по ова прашање би настанал во моментот кога поделеноста ја напушта зоната на здравиот диверзитет кој е неопходен за развивање на дебата и кога нечии лични интереси се ставаат над интересите на академијата како целина и со тоа над општеството. Во тој момент професорот бега од својата одговорност кон општеството и кон генерациите кои треба да го преземат товарот во иднина. Кога станува збор за лични интереси и суети, тогаш настанува еден магичен круг на одмазди, а цената за тоа обично ја плаќа студентот и со тоа целото општество Факултетите и универзитетите досега се прилично обединети во поглед на својот став кон овој предлог закон, видовме дека беа прилично децидни и единствени во искажувањето на мислењата, што беше потврдено со неколку темелни анализи кои излегоа во јавноста”-вели студентката Фанија Ивановска. Генерален пленум за конкретни чекори! Од Пленумот порачуваат дека и покрај многубројните обиди да бидат  делегитимизирани и маргинализирани тие не застанува во својата борба. Деновиве се уште поактивни преку   средби и консултации со членовите на интерните пленуми и координативните тела во кои се планираат наредните акции на Пленумот. Помеѓу студентите велат, се шири големо незадоволство, а тоа резултира со се` поголем број на студенти кои сакаат активно да бидат вклучени во работата на Пленумот. Во брзо време најавуваат дека  ќе биде организиран уште еден Генерален Пленум на кој сите студенти ќе можат отворено да разговараат. “Од ова што го гледаме, се чини дека Владата селективно бира кој може, а кој не може да ги критикува законските решенија и да бара нивни промени, нешто што е недозволиво во демократско општество, каде како граѓани би требало да имаме можност да бидеме ислушани и „удостоени“ со елаборирани одговори – особено како академски граѓани во дебата за закон кој директно не засега. Чувствуваме како Владата намерно да ги покрива ушите на нашите гласови, бидејќи на нашите критики беше одговорено без аргументи и без никакво објаснување, или истите едноставно беа игнорирани. Згора на сево ова бевме мета и на етикетирања, при што се чини дека Владата и дел од медиумите се обидоа да создадат еден цел наратив во кој ние сме претставени како безидејни, мрзеливи платеници кои по секоја цена сакаат да го одржат статус- квото во кое се чувствуваат удобно”-потенцираат од Студентскиот пленум. Владата,  велат оттаму,  не  возврати со аргументи  туку со напади на карактер врз студентите, а тоа не е знак за здрава демократија. Ова велат студентите,  е најголемиот проблем со кој надлежните ќе се соочаат  во иднина. С.Б.
Слично

Поврзани вести