Економија, финансии, бизнис

Контакт

Студентски пленум бара: Ќе се преиспитува постапката за изградба на нови згради во дворот на УКИМ!

Студентски пленум бара: Ќе се преиспитува постапката за изградба на нови згради во дворот на УКИМ!
Острата неколкучасовна полемика на вчерашната трибина,  помеѓу студентите и деканите на двата факултети кои треба да никнат во кампусот на УКИМ,  отвори низа на прашања меѓу кои, кој и зошто дозволил без јавна дебата и мислење на стручната јавност и студентите да се градат нови згради на и онака малиот зелен појас на кампусот  и кој сака да направи раздор меѓу студентите и професорите? Од Студентскиот пленум најавија дека ќе поднесат претставка до Државниот градежен инспекторат за уништување на паркот на влезот на УКИМ, но и за преиспитување на постапката за проектот. Од Студентскиот пленум велат  ја подржуваат  идејата за изградба на два нови факултети за физичко образование  и за информатички науки,  но  не на единствениот зелен појас на кампусот на УКИМ. Велат сечењето на и онака малубројните дрвја на овој простор само дополнително ќе ја загади околината и ќе го оптовари метежот на една од најфрекфентните раскрсници, од каде и сега со тешки маки навреме  стигнуваат на предавања. На острата дебата која  ги собра на едно место  студентите, група на граѓани и  професори, но и деканите на двата факултети, од Пленумот неколкупати јасно порачаа дека сегашниот изглед на ФИНКИ и ФФК, односно немањето сопствени, соодветно опремени простории е проблем кој се провлекува со години, состојбата е запрепастувачка и решението,  секако, се наоѓа во изградбата на нови објекти, но не под било какви услови. “Во понеделник ќе се поднесе претставка до државниот инспекторат за градежни работи во кои се истакнати неправилностите во целиот овој процес. Исто така, ќе преземеме и акции на терен, со тоа што остануваме отворени и за други организации кои сакаат да се приклучат на оваа борба со кои би соработувале. Во овој момент дури не ни размислуваме околу барокот согледувајќи ги другите нелогичности. Овој чин пред сè е кукавички и подмолен, со тоа што педесетина дрва се  исечени во 2 часот по полноќ. Дополнително студентите  се маргинализираат од процесот на одлучување околу изгледот на просторот во кој што го поминуваат најголем дел од времето. Меѓутоа, сметаме дека ова сечење е намерно направено во периодот на одржувањето на „Ад Хок“ фестивалот организиран од Студентски пленум, каде што меѓу другото се истакна и проблемот со натрупувањето на универзитетскиот кампус со уште 2 објекти” – вели Ѓорѓи Рајчиноски од Студентскиот пленум. За студентите е нејасно зошто при создавањето на барањата за конкурсот не се консултирани  професорите,  студентите и Сенатот и   се прескокнува мислењето на луѓето коишто се засегнати со овој проблем. “Должноста да изградите објект во кој студентите ќе можат да студираат во нормални услови, не ви го дава и право да ја нарушите нашата автономија. Сосема ни е јасно дека не ги сфаќате термините „наша“ и „автономија“. Тоа значи дека во ова мало катче, НИЕ, студентите и професорите, ОДЛУЧУВАМЕ и нема да дозволиме да ни го узурпирате домот без притоа да се консултирате со нас.Нема никаква логика еден факултет што е олицетворение на иднината и иновативноста да биде заробен во имитација на минатото, имитација која што не ни знаеме колку навистина ќе служи бидејќи досега сте ни понудиле само фасада и орнаменти. Вредното зеленило на кампусот не им го препуштаме на овие големи обејкти кои едноставно не ги собира таму! Пленумците ја докажаа својата посветеност кон здрави реформи и не се плашат тоа да го сторат повторно”- порачаа студентите од Пленумот. Тие бараат Ректорот најитно да излезе со став околу новонастаната состојба и да и објасни на студентската и стручната јавност зошто дозволил без претходна анализа и дебата на која ќе го чуе мислењето на најзасегнатите, да даде зелено светло за проект кој како што велат е  узурпација на и онака малиот слободен  зелен простор. “Одговорноста пред сè треба да ја сноси ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а тоа е господинот Велимир Стојковски, кој не се спротивставил на предлогот за узурпацијата на паркот за изградба на објектите. На трибината почна да излегува вистината на виделина,  декани на повеќе факултети при УКИМ биле известени за целиот процес, меѓутоа студентите не беа известени за тоа, иако професорите, деканите, ректорот и самиот универзитет постојат за студентите, а не обратно. Ние не сме против изградба на два нови факултети. Напротив, сметаме дека треба дури и да им се овозможат и подобри услови,но на предвидената локација нема доволно место. Меѓутоа, како што на одржаната трибина кажаа деканите на ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура, стравот дека доколку не се искористи оваа прилика, тие никогаш нема добијат сопствени згради, ги носи до ситуација да се плашат да го кренат гласот против оваа мерка или како што велат тие, цитирам, „го избираме помалото зло“. Исто така, мора да се внимава на зеленилото, особено во услови на ваква загаденост и пред сè универзитетот да биде место каде што студентите ќе се чувствуваат пријатно, а не притиснато”-објаснува студентот Рајчиноски. За студентите е неспорно дека нивните колеги од факултетите за физичка култура и информатички науки заслужуваат квалитетни услови за настава,  а вработените за работа, но сметаат дека може да се најдат решенија за изградба на соодветни факултетски згради на веќе постоечките капацитети и бараки или на локации кои ги задоволуваат пристапните, еколошките и градежните стандарди.  Проблемите во високото образование велат не се решаваат само со изградба на нови градби, а занемарување на старите, бидејќи и факултетите на УКИМ функционираат со стари амфитеатри, тоалети со мизерна хигиена, проблеми со греењето за кои треба да се бараат трајни решенија. “Нешто на што мора да се внимава е тоа што и кога правиме нови работи, не треба старите да ги занемаруваме. Имаме факултети со стари амфитеатри, и уште редица на проблеми кои треба континуирано да се решаваат. Затоа, испраќаме апел до сите студенти, но и сите слободоумни граѓани да нè поддржат во оваа борба со цел да си го зачуваме она што ни припаѓа, а тоа е универзитетот! Ние искрено се надеваме дека камен темелник нема да има, односно дека ова лудило овде ќе застане. Сметаме дека надлежните институции ќе треба да се произнесат по многу прашања, од запазување на постапката, до тоа дали на работниците им е платена екстра сатница за работење во 2 по полноќ”-додава Ѓорѓи Рајчиноски од Студентскиот пленум. С.Б.
Слично

Поврзани вести