СТУДЕНТСКИ ИЗБОРИ, ПО ТЕРК НА ПОСТАРИТЕ: На сила ќе изберат лидер?!
Распишување на избори во лето кога факултетите се безмалку празни е обид на нетранспарентен и дискриминирачки начин да се зачува комодитетот кој со години раководството на Студентскиот парламент го ужива на грбот на студентите. Ваквата состојба мора веднаш да престане, а студентите да пресечат - каков состав и претседател во иднина треба да ги застапува нивните права – вели за Фактор, Александра Филипова од Студентскиот пленум. Срамота е додава таа што млади луѓе, нивни врсници и колеги ги бранат нелегитимните претставници на СПУКМ и пред се не ја сфаќаат важноста на студентското организирање.
“Има прекршување на членот 17 од Статутот на СПУКМ кадешто се вели дека парламентот својата работа ја утврдува на седници кои се одржуваат најмалку еднаш месечно. Моменталниот в.д претседател Спировски сеуште ја врши својата функција и покрај тоа што мандатот му е истечен пред две години што претставува кршење на член 45 од статутот на СПУКМ. Во двата случаи претседател не е избран во ноември, што исто така е кршење на членот 45 од статутот. Во работата на овој состав на Студентскиот парламент не е забележан ниту финансиски план во кој се содржани сите приходи и расходи и материјални трошоци поврзани со работата на парламентот кој според член 15 треба да се поднесе пред членовите најмалку еднаш годишно. Нема ниту информации за работата на Изборната комисија што претставува кршење на членот 23 од Правилникот за спроведување на студентски избори на УКИМ. Избори се распишуваат сега кога според Академскиот календар потпишан од Ректорот, а потврден од Сенатот нема активност на студенти од 15 јуни до 15 август”-објаснува Филипова.
Според неа на системот на студентско организирање му е потребна темелна реформа пред се во нивото на регулацијата, структурата и редефинирање на односот на претставничката форма помеѓу студентите и образовните институции. Унифицираниот модел на организирање и претставување не дозволува флексибилност согласно условите на високообразовната средина и преференците на студентите. Системот вели има структура која овозможува централизирање на моќта во едно студентско тело врз кое нема соодветен мониторинг за неговата работа и е реален проблем со години. Па така сеуште на факултетите има изборен систем кој е недоследно спроведен со директни партиски влијанија врз студентските претставнички структури, што создава чувство на апатија.
“Мандатот на Претседателот на СПУКМ, кој е член на Ректорска управа, е истечен веќе втора година, а избори последен пат се распишани 2012 година. Претседателството на парламентот не одржува седници и нема никакви информации дали воопшто Собранието на СПУКМ се собира и носи одлуки. Дополнително загрижува измената на студентски делегати во Сенатот која не е јавно објавена, а извршена од студентските парламенти со истечен мандат. Токму оваа нелегитимност на студентски претставници во овие тела го оневозможува и изборот на Ректор на Универзитет Св. Кирил и Методиј бидејќи нелегален и нелегитимен парламент неможе да учествува во овој избор”- вели студентката од Правниот факултет.
Милионските суми кои се влеваат во касата на Студентскиот парламент според Филипова се табу тема за студентите. Никој не знае каде завршуваат парите по основ на задолжителна чланарина која секој студент мора да ја уплати на сметка на организацијата, а добар дел од студентите особено оние кои се сместени во студентските домови сеуште вели живеат во мизерни и субстандардни услови. Оттука според неа нормално и очекувано е студентите да бараат создавање на студентски претставнички тела по мерка на студентите и најважно воспоставување на систем на контрола врз финансирањето.
“Во однос на финансиите, 20 проценти од ИКСА секоја година одат за СПУКМ која се плаќа на почеток на учебна година при уписи.Пари се добиваат и од донации, спонзори, простории добиваат од универзитетот. Студентите немаат никаков увид во финансиите на СПУКМ, односно не знаат со сигурност ниту со колкава сума располага ниту како тие пари се трошат. Овие податоци се држат во тајност”- нагласува студентката од Пленумот.
Повикот за кандидати за претседател на Студентскиот Парламент е објавен на 10. јуни а рокот за пријавување е до 19. јуни, до кога заинтересираните кандидати треба да соберат најмалку 3 000 студентски потписи. На овој начин, реагираат студентите очигледно е дека е скратен рокот и можноста за информирање на заинтересираните кандидати и e повредено правото на учество.
“Изборите се распишани на 10. јуни, со рок за одржување на 30. јуни. Во академскиот календар за учебната година, одобрен од Сенатот втората испитна сесија се одржува од 15. мај до 15. јуни. Универзитетот повторно се реактивира на 15. август со третата испитна сесија. Нејасно е како тогаш ќе се спроведат избори? “ – вели Филипова.
Финансиските ресурси со кои располагаат студентските претставнички тела според студентите се еден од најзначајните сегменти кои ја дефинираат нивната моќ, влијание и улога. Оттука очекуваат реформирање на системот но и подршка од академската заедница за процесот на трансформација да биде поуспешен.
Студентите сплотени во иницијатива за оспорување на изборот на претседател на СПУКМ писмено се обратија и до Ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски од кој бараат итен состанок за решавање на состојбите. Поради како што велат грубата злоупотреба на студентската воља бараат Ректоратот и Сенатот при УКИМ итно да се вклучат во решавање на студентското организирање од чиј глас велат пак ќе зависи и изборот на прв човек на најстариот и најголемиот универзитет во земјава.
С.Б.
Слично
