Студентската окупација продолжува
Студентите ќе продолжат да ги окупираат факултетите сè додека не се исполни барањето за нов Закон за образование, којшто нема да вклучува надворешно тестирање како што предлага сегашниот. Ова е одлуката донесена на вчерашниот генерален пленум, а исто така одлучено е дека на следната средба со МОН ќе се аргументира за потребата од нов закон.
„Кога ќе почне Одборот за акредитација навистина да евалуира и да каже што точно треба да се подобри за да се зајакне квалитетот на високото образование, не можеме до тогаш да зборуваме за надворешно тестирање на студентите, бидејќи студентите не може да бидат тестирани заради дисфункционалност на одредена институција“, изјави Ивана Туфегџиќ, претставник на Студентскиот Пленум.
На вчерашната средба во просториите на Ректоратот на УКИМ, претставниците од Студентскиот пленум Стефан Бидиков и Ивана Туфекџиева, како и професорката Гордана Силјановска како претставник на Професорскиот пленум, разговараа со Министерот за образование и наука Абдулаќим Адеми и заменик Министерот Спиро Ристевски, како и со ректорот Велимир Стојковски за проблемите во образованието со кои Македонија денеска се соочува.
Ректорот Стојковски на крајот на состанокот на новинарите им подели кратко соопштение во кое пишува дека на средбата е донесен заклучок за формирање на работна група со претставници од сите засегнати страни, која „во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите врз основа на која ќе се дефинира концептот на изработка на законски текст за високото образование“.
