Студентска пролет во сред зима, на повидок можеби уште еден марш?
Овие денови во Македонија времето е прилично студено, што е и нормално бидејќи е зима, но многумина ќе ви кажат дека не е, како зимата не ја почуствувале бидејќи на улиците стигна вистинска пролет, но онаа студентската! Тој феномен најчесто можеше да се воочи во градовите кои се универзитетски центри , како што се Скопје, Битола и Штип. Феноменот кој сега се појави не смее да не чуди, бидејќи би требало да биде правило а не исклучок во демокатски уредена земја, земја каде процентот на образовани е голем, но чуди тоа што ова е прв крик на интелегенцијата после децении мака.
Многумина би се сложиле како децениите на мака што се одраз на македонскиот карактер, кој ретко кога бил револуционерен во своите ставови и дела, но македонската студентска пролет е одраз на нешто друго, нешто досега непознато .
Се започна од најавената и наизглед безизлезна иницијатива за воведување на екстерно тестирање на знаењето на студентите, од страна на Владата, како уште една во низата реформи во високото образование, која според нивните зборови, ќе донесе подобрување на квалитетот на истото. Реформите не се сами по себе лоши, но тоа не е случај со реформата за екстерно тестирање, или како што е подоцна преименувана - државен испит.
„Студентите воопшто не стравуваат од проверката на сопствените знаења. Впрочем, ние сме постојано подложни на проверка и испитувања преку редовните обврски во текот на студиите. Секоја таква дополнителна проверка во рамките на универзитетите би била сосема прифатлива. Она што не е прифатливо, пред се поради автономијата на универзитетите, е испитување од страна на надворешен субјект, во овој случај државата. Дополнително, испит составен од 5 прашања апсолутно не доведува до соодветна проверка на нечие знаење од извесна материја“, вели во интервјуто за Академик.мк, Константин Битраков, инаку добитник на наградата „26 Јули“ за најдобар студент на УКИМ во учебната 2013/2014“ и активист на Студентскиот пленум.
На прашањето како ги коментира измените и дополнувањата на Законот за високото образование Константин вели дека Студентскиот пленум е изречно против воведувањето на предложениот државен испит за студентите. Независно од (не)совршеноста на текстот во рамките на предлогот за донесување на Законот, останува констатацијата дека со донесување на ваквите измени и дополнувања би дошло до грубо нарушување на автономијата на универзитетот поради причините коишто неколку пати ги истакна Студентскиот пленум. Иако, поради наведеното, Пленумот одбива да дискутира по предложеното решение, за да одговорам на Вашето прашање, ќе ги изложам моите ставови во поглед на предлогот. Прво нешто што би сакал да истакнам во врска со овие измени и дополнувања е дека станува збор за премногу крупни измени, кои се предвидуваат во еден сеопшт недостиг на дебата и слух за забелешките што беа посочени. Аргументите што беа понудени од страна на Студентскиот пленум, за жал, не беа разгледани, туку независно од нив се премина на донесување на предлогот за измени и дополнувања. Подробната анализа на измените и дополнувањата би довела до генерален заклучок за постоење на цела низа конфузни елементи, како и елементи што, според својата природа, не спаѓаат во рамките на материјата која, според редовниот тек на нештата во светот на правото, би требало да биде регулирана со закон.
Тој ги наведе петте аргументи зошто не треба да се воведе државен испит.
Еден: Државниот испит, како концепт, доведува до загрозување на автономијата на универзитетите, онака како што е уредена автономијата во Уставот на Република Македонија и во меѓународните рамки. Пред сѐ, тоа се должи на фактот што со спроведувањето на ваквото испитување директно би се навлегло во академската слобода што им е гарантирана на универзитетските професори. Во рамките на таа слобода влегуваат правата на професорот, во рамките на усвоената наставна програма, да одлучи: која материја ќе им биде пласирана на студентите, кој ќе биде методот за испитување на знаењата на студентите, кои студенти заслужуваат да продолжат понатаму со сопственото високо образование.
Два: Она што недостасува, како што може да биде утврдено од податоците достапни за јавноста, е пошироко објаснување како би довел до подобрување на квалитетот на високото образование државниот испит. Освен генерални определби и флоскули, до овој момент не беа понудени никакви понатамошни аргументи како би бил постигнат резултатот кој се посакува со овие законски измени.
Три: Како надоврзување на претходната забелешка, следува прашањето дали е навистина ratio legis на ваквите измени подобрување на квалитетот на високото образование или, пак, е негирање на работата на професорите.
Четири: Покрај наведеното, дополнително прашање е што навистина би предизвикал во практиката овој испит. Со воведувањето и со спроведувањето на ваквата мерка би се довело до состојба во високото образование во која испитувањето од страна на предметниот професор губи од сопственото значење, земајќи предвид дека независно од добиените оценки конечното нешто што ќе ја детерминира академската иднина на студентите е државниот испит. Ценам дека ваквите резултати не соодветствуваат со целта што се поставува зад државниот испит.
Пет: Во крајна линија, она што секогаш треба да се земе предвид при конципирањето на крупни измени е како ќе влијае тоа врз субјектите на кои се однесуваат тие измени. Во овој случај, студентите се доведуваат во една, несомнено, незавидна положба. Во втората и во завршната година од студиите тие би биле подложни на полагање испит на огромен број предмети, кои многу често се однесуваат на материја што е суштински различна. Воедно, се поставува прашањето, дали на ваков начин ќе биде исправно утврдено знаењето на студентот што изучува материја којашто е обемна. Дополнително, постојат области во кои покрај знаењето од универзитетските учебници доаѓа до израз и креативноста на студентот. Академската судбина на еден студент на факултетите за ликовни и драмски уметности или за физичка култура би била непосредно зависна од одговорот на пет прашања.
Констатин затворањето на вратите за студентите од МОН го коментира како така што Студентскиот пленум одбива да навлезе во дебата околу деталите за спроведување на државниот испит , тргнувајќи од тоа дека беа изложени доволно аргументи зошто воопшто не би требало да постои таков државен испит. Прашањето упатено до министерот беше кога планира да ги слушне аргументите и ставовите на илјадниците студенти што цврсто застанаа против воведувањето на државен испит.
Во рамките на Пленумот во овој момент се одвива процес на координација со цел да се утврдат идните активности. Таа координација се одвива на повеќе нивоа. По изминувањето на овој неопходен процес, ќе бидат донесени конечните одлуки околу идните активности. Меѓутоа, како што беше и кажано од страна на претставниците на Пленумот, организирањето на уште еден марш не е исклучено, открива Константин за академик.мк.
