СТУДЕНТСКА ГОЛГОТА: Хорор на - 20 во домот Кузман Јосифовски - Питу!
Студентска голгота на – 20! Студентите од домот Кузман учат на свеќи
Неколку дена студентите од студентскиот дом “Кузман Јосифовски-Питу” живеат како во реалното шоу “Срвајвер”. Со едвај млаки радијатори и без струја на поларни температури велат секој ден е вистинска голготата. Во ек на испитна сесија денот поради студот го минуваат во читалните во градските и студентските библиотеки. Таму барем се на топло.
Студентот М.З студира на Електротехничкиот факултет. Подготвува четири испити, а кога навечер исцрпен се враќа од читална, вели продолжува да учи на свеќа.
“Струја нема неколку дена во машкиот блок во студентскиот дом Кузман. Се снаоѓа кој како знае и умее. Јас одам во читална да учам и да се згреам. Навечер учам на свеќа. Подготвувам четири испити, тешки и обемни. Бараат посветеност и време. На среде испитна сесија сум. Многумина од колегите ги спакуваа куферите и си заминаа. Но јас сум од Пехчево и неможам да одам натака-навака, имам многу за учење”- вели студентот.
Иако официјално зимскиот распуст за студентите е до шести февруари повеќето од нив се во студентскиот дом.Подготвуваат испити за февруарската испитна сесија, добар дел бркаат услов за упис. Условите во кои живеат и учат велат се под секое човечко достоинство. Проблемот со струјата не е нова мака. Секоја година во зимскиот период според студентите се случуваат вакви испади во мрежата. Инсталацијата е стара, а инвестиции нема. За проблемот како што велат е потребно системско решение.
“Студирам елекстроенергетика. Си велам, која иронија, учиме за електрична енергија, искористеност, потенцијали, потрошувачка, а немаме основни егзистенцијални услови.Потребно е реновирање на целиот дом од корен. Проблемот со електричната енергија не е од вчера. Инсталацијата во домот е стара и дотраена. Се прикрпува на секој начин. Ги сменија топлите осигурачи на вртење со автоматски но тоа не го реши проблемот. Парното го има но е слабо. Во некои соби има запушени радијатори. Собите се стари. На почетокот на академската година јас и цимерот вложивме средства да ја подсредиме собата. Нема доволно тоалети. Дел од нив се нефункционални, без врати. Се користат само два тоалети. Има три туш кабини од кои може да се рече една е функционална, другите делумно, а во кои се тушираме 60 луѓе. Доаѓаат на третиот кат и колеги од погорните спратови. Инвентарот е стар но може да се користи. Страотна слика е што има многу лебарки во собите, излегуваат и на ладно”- раскажува М.З.
Парното како што вели е толку јако што радијаторите на студентите им служат како полици. Храната ја има, но е незадоволителна, и по обем и по квалитет.
“Имаме оброци со по три парчиња леб кои не стигнуваат до никаде. Едно јадење, една порција. Бифето и боновите до Нова година траеа, сега работи само со пари. А цените само за ислустрација, 40 денари за едно мало шише сок. Наместо да се попристапни за студентите тие како за во кафетерија. Често го бараме хаус мајсторот но тешко е да го добиеш. И тој кутриот прави комбинаторики, менува од едно место, става на друго. Во бања да начекаш светло е бинго. Верувајте од што е ладно неможам ништо да направам, ниту нешто да зготвам или да подгреам јадење. Радијаторите комотно може да ни служат како полици”- додава М.З.
Студентите стравуваат за својата безбедност бидејќи може да настане вистинска хаварија кога ќе се наполни студентскиот дом. Бараат надлежните служби во домот да реагираат и да им обезбедат пристојни услови за домување.
“Од ЕВН ни рекоа дека интервенирале и дека проблемот не е до нив, туку во студентскиот дом. Преку службите информација побаравме и од управникот на домот, но не добивме одговор. Од муабетите по ходници разбравме дека се работи за седумдесет метарски кабел кој изгорел поради преоптоварената електрична мрежа. А, како да не се преоптовари кога сите имавме вклучено греалки од по 2000 вати. Па тоа е напон и потрошувачка. Башка се суши воздухот. Се прашувам што ќе биде кога ќе дојдат сите. Во Кузман има 450 студенти. Цело време до радијатор седиме колку да осетиш топло, ама дува од старите прозори. Да не знае човек што е полошо”-додава студентот З.М.
Тој и неговите колеги очекуваат поголема ажурност и грижа за студентите преку реални решенија, а не преку ветени реформи.
Од Студентскиот центар се запознаени со проблемот и уверуваат дека ги алармирале надлежните за негово решавање.
