Студентите повикаа на масовен протест в понеделник
Студенти и граѓани синоќа протестираа пред канцелариите на Студентскиот парламент и ги повикаа колегите масовно да излезат в понеделник на протест.
Тие протестираат против како што велат „најсрамните избори во историјата на најстариот универзитет во Македонија“.
Студентите побараа поништување на изборите за претседател на СПУКМ, а за ова прашање побараа својот став да го кажат и од Универзитетскиот сенат, Ректорската управа, Ректорот и проректорите. Тие се револтирани и од односот на полицијата за време на изборниот ден.
Протестот заврши на УКИМ, а демонстрантите ги повикаа своите колеги в понеделник во 8 часот наутро да бидат со нив пред Ректоратот за време на вонредниот состанок на управата.
Студентите ветија дека ќе го вратат УКИМ во свои раце. Изборите за студентски лидер завчера беа со многу неправилности, крадење на кутии и на крај имаше интервенција од полицијата.
Давор Поповски е новиот претседател на Студентскиот парламент на УКИМ, но неговиот легитимитет сега се оспорува.
