Студентите го прашаа Иванов: Каде бевте кога ги изнесуваме барањата?
Два дена откако помина маршот на кој студентите го искажаат своето „НЕ“ за екстерното тестирање, денеска се огласи и претседателот Ѓорѓе Иванов по ова прашање.
Имено, тој својот став и мислење ги искажа при постета на струмичко Ново село од позиција на претседател, но и на универзитетски професор, како што кажа самиот.
-Не само кај нас, туку во целиот свет има реформи во високото образование, и тие бараат вклучување на сите надлежни субјекти за изнаоѓање најдобри можни решенија кои што ќе бидат од корист и за институциите и за студентите. Потребно е да се слушне гласот на студентите, и да се разговара за нивните сознанија и ставови, рече Иванов.
За студентите изјавата на претседателот претставува уште една манипулација како онаа на министерот Адеми.
-Оваа изјава требаше да ја даде кога ги изнесовме нашите барања и проблеми, а не денеска, од некое место во внатрешноста, на настан кој нема допирна точка со целиот овој процес. Треба да излезе пред нас и да разговара. И него го каниме да дојде и со нас да разговара, вели Марко Џамбазоски од Студентскиот пленум.
