Студентите го перат колективниот срам на претходните генерации!
Решителноста на студентите да организираат и да го реализираат студентскиот марш зад кој застанаа илјадници нивни колеги, меѓу кои и многумина членови на академската заедница, го сврте вниманието на јавноста. Рамо до рамо меѓу своите студенти, како морална подршка се најде и Огнен Чемерски, асистент по превод на Катедрата за англиски јазик и книжевност. Според него, одамна немало видлив студентски активизам.Студентите вели, дејствувале многу зрело, мудро и добро организирано, а нивната решителност е единствениот став што му доликува на едно вакво движење.
“Мојата генерација и тие по неа сигурно немаа вакво нешто. Тоа е нашиот колективен и поединечен срам. Во таа смисла, ова го доживувам како преродба достојна за восхит. Од ова што го гледам, се соочуваат со многу конкретен проблем што ги засега и нив и нас, а најмногу генерациите по нив, па и многу конкретно и учено му пристапуваат. Ми изгледаат свои. Нивната решителност е единствениот став што му доликува на едно вакво движење. Ова значи дека на факултетите научиле нешто. Ете ви едно тестирање. Мудри се и со своето дејство јасно кажуваат дека се сила со која секој ќе мора да се соочи, дека немаат намера да бидат свитлива маса”-вели Огнен Чемерски.Како универзитетски учител и човек што сака да мисли дека мисли,Чемерски додава дека има етичка обврска да има став за вакви прашања. Инаку,прашува, со кој образ ќе се подучуваат студентите на критичко мислење на факултетите.
“Мислам дека доволно се газело по нивното достоинство и нивниот чин ме восхити. И јас бев студент, а и сè уште учам. Знам колку е потребно некој да те охрабри. Но, ние, учителите, пропуштивме да ги поведеме нив. Студентите имаат поддршка и од многумина што поради разни причини не беа на протестот. Не значи дека нема да ги поддржат понатаму. Но, тие поведоа. Капа долу”-потенцира Чемерски.Екстерното оценување наспроти Болоњскиот концепт! Идејата за воведување на државни испити за студентите налик на екстерно тестирање, според асистентот по превод, се коси со целокупниот концепт кој се воведува со години и во кој не се учи по универзално прифатена литература. Од една страна, додава, се бара од студентот како интелектуално битие да изгради свој став и свои размислувања, врз основа на се што ќе прочита и научи од повеќе книги и автори, а од друга страна се бараат механизми и рамки во кои ќе се контролира знаењето и квалитетот.
“И тој болоњски концепт своевремено се воведе недоносен, а сега, кога потпрвна, изгледа истите институции што го воведоа велат дека бил пометниче. Замислете, наместо полагање по секој семестар, сега ќе ги испитуваат за некакво двегодишно градиво! Ние полагавме двосеместрални испити и знаеме што значи тоа. И треба да им биде јасно на луѓето дека на универзитет се расчитуваат многу книги и се учи од многу автори, кои честопати застапуваат спротиставени ставови. Кој однадвор ќе го оценува тоа и како, ако не го следел целокупниот напредок на студентот, кој се огледува во сите негови активности? На предметите на кои сум асистент, на пример, гледаме како студентот го разработува и го аргументира своето решение. Ние им помагаме на студентите да се оспособат самите да учат понатаму. Нема еден точен одговор”-вели Огнен Чемерски.Да се преиспитаат веќе постоечките механизми за евалуација на знаењето! Чемерски додава дека има има пад во квалитетот на високото образование, но надлежните имаат веќе постоечки механизми за проверка кои можат и мораат како професионална обврска да го направат тоа. Со вакви идеи за проверка на знаењето во функција на подобрување на квалитетот на кадрите кои излегуваат од високообразовните институции се поткопува и поништува нивната улога.
“Вистина е дека има пад во квалитетот на високото образование. На таа тема има и вицови. Но, да се испитува тоа на ваков начин, со некаква урамниловка, а некој студент да го загуби правото на образование е невидена работа. Државата има Одбор за акредитација и евалуација на високото образование. Зар вака не се поткопува и поништува неговата улога? Оваа идеја задира и во автономијата на универзитетите на повеќе нивоа. Зар не се понижува како институција, сосе професорите и студентите? Државата и универзитетите веќе имаат свои механизми што само треба добро и доследно да се применуваат. И најсјајното решение што не се спроведува е нула”-додава Чемерски.Дијалог: Институции-Факултети-Студенти! Според асистентот по превод на Катедрата за англиски јазик и книжевност, доколку сегашните механизми не се делотворни, треба да се види каде е проблемот, да се види зошто не се спроведуваат делотворно и да се подобри нивната функционалност. Дополнително, потенцира, треба да постои дијалог во кој државните институции и универзитетите и студентите ќе разговараат за овие работи, а не да се глуми истиот и да се информира за некакви радикални реформи.
“Не може постојано да се измислува топла вода и да се казнува. Своевремено се предупредуваше и за болоњскиот систем, односно дека се потребни многу подготовки. Откако настапија проблемите, се менуваа програмите и модулите. И, сега, професорите подготвуваат разни материјали и разни испити: за едни по стара програма, за други по прастара програма, за трети по не толку старичка програма, па потоа по најнова програма и сè така во недоглед. Државните институции и универзитетите треба да разговараат за овие работи. Мислам дека токму ваков дијалог бараат и студентите. Ни држат лекција. Ние, наставниците, имаме што да поднаучиме од нив”-смета Огнен Чемерски.Дали да се казни оној кој подучува или оној што учи?! Нејасно е според него, колку филтри треба да помине еден студент за на крајот да добие диплома и која е целта на ваквото испитување, да се казни оној кој подучува или оној кој учи?
“Ова може да оди во недолгед. Може да се воведе и екстерно на ектерното. Зошто треба постојано да се казнува? Зашто, од она што штуро се знае, некој ќе се казнува, пред сè студентот, кој може да го загуби правото на образование. Казни се предвидени и сега, за сите. Но, ќотекот не излегол од рајот. Може ли да се мотивира? –прашува Чемерски.Според него дел од решенијата лежат и во мотивацијата која како стимулативен елемент ќе даде поголеми резултати во градење на квалитетни и професионални кадри и подобрување на студентскиот стандард. Па така, потенцира, надлежните наместо да размислуваат за казни и репресија кои би имале сериозни финансиски импликации врз студентот, помудро е тие средства да се вложат во домување, обуки за управување во образованието, или во кадровско екипирање на разни катедри и институти што секако,вели, кубурат со средства за работа и со кадар. С.Б.
Слично
