Студентите докажуваат демократска зрелост
Првиот студентски марш кој се одржа на 17-ти ноември остана препознатлив по својата масовност и студентско единство. Студентите покажаа вистинска демократска зрелост кај студентската младина. Организираното студентско тело повторно треба да се држи до квалитетна аргументација и искористување на повеќето институционални механизми за остварување на влијание врз јавното мислење и врз надлежните-сметаат од Младинскиот образовен форум. Од таму велат дека во време кога постои оскуден пристап до информации и недостаток на стратешко планирање за квалитетно високо образование од страна на надлежните, тие како придонес и подршка за студентите ќе продолжат континуирано да работат на анализи за состојбите во високото образование, на тој начин обидувајќи се да понудат нови перспективи и сознанија.
“Сметамe дека некоректниот однос на институциите, студентскиот парламент и некои медиуми, одбивањето да се сретнат со студентите и етикетирањето, само повеќе ги мотивираше студентите да покажат дека барем некој се грижи за квалитетот на образованието. Затоа веројатно и повторно се организираат и по пат на протестен марш да го изразат своето незадоволство”-велат од МОФ.
МОФ: Државниот испит-лошо осмислена реформа
Идејата за воведување на државен испит на факултетите, според МОФ е пример за лошо осмислена реформа. Според нив, таа доаѓа од лошо дефиниран проблем, мерка која е во конфликт со уставните одредби и европски практики, се’ до недостаток на логично објаснување како истата ќе придонесе до унапредување на квалитетот на високото образование.
Оттаму додаваат, доколку студентите продолжат да бараат да бидат слушнати, а нивните ставови уважени при донесување на одлуки, моменталниот начин на функционирање на студентското организирање на студентските парламенти ќе се покаже како неодржлив и без капацитет да одговори на потребите на оваа критична маса. Студентите, потенцираат од МОФ, не сакаат квази студентски лидери со лоша навика да флертуваат со кој и да е на власт. Тие, велат, сакаат автономни, независни студентски форми на организирање кои доследно ќе ги бранат нивните интереси.
“Студентското организирање одамна се покажа како нефункционално. Студентските парламенти се речиси вон секаква институционална контрола, немаат контакт со студентите, одлучуваат своеволно, а начинот на кои се избрани најголем дел од структурите го прави противстатутарни. Само за илустрација, додека студентите се трудат да се спротистават за лошите мерки во образованието, претседателот на СПУКМ е со истечен мандат и не распишува избори” велат од Младинскиот образовен форум.
Едноставно, додаваат, ваквото надворешно тестирање или државен испит нема да го подобри квалитетот на образование кое го добиваат студентите. Испит кој би се спроведувал во втора и четврта година од студиите, каде однапред се познати прашањата и чија цел е да се покаже некој минимален праг на знаење , според МОФ, не ги решава сите оние сериозни претпоставки за проблемите во високото образование затоа што тие не беа образложени соодветно. Меѓу нив ги издвојуваат хиперинфлацијата на дипломи, недоволно вештини што ги прави студентите неконкурентни на пазар на труд, корупцијата и други предизвици пред кои години наназад стојат исправени и студентите и академската заедница.
Проширена платформа-поголема подршка!
Од Студентскиот пленум за вториот студентски протестен марш очекуваат поголема подршка од средношколците, матурантите, но и од академската заедница. Нивното досегашно искуство им покажало дека токму студентската организација - Студентски парламент која се претставувала како легитимен претставник на студентите, досега не излегла со конкретни предлози за подобрување на студентскиот стандард, реалните проблеми во студентските домови, на факултетите.Вакво искуство тие не сакаат да им пренесат на идните колеги. Затоа на маршот в среда ќе ја прошират платформата и покрај децидниот став против воведување на државни испити и повлекување на идејата за нивно спроведување, ќе застанат и против честите измени во законот за високото образование и против лошите необмислени реформи кои според нив се донесени со инает, суетност и на недемократски начин од институциите на системот.
Од Пленумот потенцираат дека евентуалното воведување на државни испити претставува демонстрација на недоверба во сопствениот систем којшто истите тие политичари го имаат поставено, а со новата реформа надлежните дополнително ќе го дискредитираат звањето на секој професор на државните универзитети, бидејќи неговото стручно мислење тогаш ќе стане ирелевантно. Тие и досега алармираа дека воведувањето на овие државни испити претставува уништување на слободата на студентите да студираат подолго време заради какви и да се субјективни, или објективни причини. Ова, според нив, докажува дека политичката класа воведува одредени закони и прописи кои потоа самата ги регулира или дискредитира, мешајќи се во работата на научно образовните институции нарушувајќи ја нивната автономија.
Досега од Студентскиот пленум подршка за реализирање на вториот по ред студентски марш преку социјалните мрежи добиваат од нивните колеги од Битола, Штип, Прилеп.
С.Б.
Слично
