Студентите бараат мораториум на законските измени-ВЕДНАШ!
Одложно дејство на сите измени во Законот за високо образование, веднаш, и отпочнување на постапка за пишување нов Закон! –ова е клучното барање на студентите кое ќе го изнесат на расправата закажана за следната недела. Иако поканата за средба доаѓа откако законот стапи на сила, студентите остануваат децидни во своите ставови против лошите реформи во високото образование, но како што велат, со аргументирани и издржани ставови.
Ивана Туфегџиќ, студент во прва година на постдипломски студии по Уставно право и активен член на Студентскиот пленум, за Фактор вели дека само реформи донесени со принцип на инклузивност, можат да бидат добри и спроведливи реформи кои ќе гарантираат квалитет. Оттука, студентите ќе настапат со едно барање на расправата закажана за следната недела- одложно дејство на актуелниот Закон и креирање на целосно ново законско решение под лупа на студентите и професорите.
“Расправата која сега се иницира е од самиот Универзитет и целта е да добиеме анализа и студиозност во изготвување на новиот Закон, но сепак да се укаже на сите негативни последици и неспроведливоста на последните измени на Законот. Се надевам дека расправата би го сменила досегашниот игнорантски однос на властите кон нас, како легитимни претставници на студентите и на крајот сепак би дошле до нов Закон кој ќе гарантира квалитет. Ние имаме едно барање кое ќе биде изнесено и на расправата -одложно дејство на сите измени во Законот, веднаш, и отпочнување на постапка за пишување нов Закон!”-потенцира студентката Ивана Туфегџиќ.
И покрај сите укажувања на Студентскиот Пленум дека новиот закон е неуставен и штетен и дека е потребна анализа и вклученост на засегнатите страни, Законот за високо образование беше предложен од Владата и изгласан во Собранието. Новите законски решенија, според студентите, беа донесени без претходна анализа и дебата, без предлози од засегнатите страни и без квалитетни и конструктивни предлози. И покрај големиот број писма испратени од страна на Студентскиот пленум и од многу високообразовни институции, тие велат, биле игнорирани од страна на институциите, Владата ги предложи измените, а Собранието ги изгласа.
“Претходно сите обиди и писма испратени до институциите од Студентскиот Пленум беа игнорирани. Министерството за образование тврдеше дека спровеле анализа, која никогаш не беше јавно објавена, ниту пак беше испратена до некоја од засегнатите страни. Ние мора да имаме широка дебата за нов закон, но за тоа да се случи претходно на сите измени мора да се стави одложно дејство. Не може да се дебатира за нов Закон а претходно стариот да важи и воедно да предизвикува последици, кои ниту новиот Закон нема да може да ги поправи. Важно е да се спречи нанесување на штета на студентите и професорите, чинителите на академската заедница, со тоа и на целиот високообразовен систем од носењето брзи и непромислени измени. Ние ќе ги пренесеме ставовите на студентите во Комисијата односно мораториум на законските измени, веднаш”- додава студентката од Правниот факултет.
Работни студентски групи за компаративна анализа на високообразовните системи!
Новото законско решение кое стапи на сила на крајот од минатиот месец, а кое според надлежните треба да ја крои судбината на идните и дел од сегашните студенти кои ќе го продолжат своето студирање, без притоа да се земат нивните потреби, услови за работа и делување, истражувачка дејност, според студентката по Уставно право, го крши највисокиот правен акт но и автономијата на Универзитетот.
“Најпрвин новите законски измени се косат со членот 46 од Уставот на Р.М кој јасно предвидува автономија на Универзитетите. Освен тоа, иако би требало да е сосема доволно за да не се донесат законските измени, бидејќи се спротивни на највисокиот правен акт, новите законски решенија е неприменливи. Зошто? Затоа што нема начин како да се состават прашања за 10 000 наставни програми и да се поделат за да полагаат 60 000 студенти. Квалитетот на високото образование преку клик не е квалитет, посебно не кога се бара минимално знаење и оценка шест, тоа не е целта на високото образование. За сите наставни програми ќе треба да има одобрение од министерот што дефинитивно ги прави високо образовните установи во административни служби кои спроведуваат, наместо да креираат и ја кршат првичната смисла на автономијата. Снимањето на државниот испит, исто така, е небулозно и недозволиво, затоа што самиот испит не е реално шоу, предизвикува стрес кај студентите и без камера, можеме да замислиме кога би имало и камера. Постои и пресуда во Стразбур каде без дозвола не смее да се објавуваат снимки дури и од јавни настани, а впрочем и во Македонија имаме Закон за заштита на лични податоци, ова снимање е спротивно на нив”- додава Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум.
Новите законски решенија, според неа, имаат илјадници нелогичности и грешки. Оттука, вели, Пленумот има формирано и работна група за анализа на високо образовни системи во државите кои имаат за наши услови утописки високо образовни системи. Покрај оние анализи за тоа каде е застапен државниот испит како механизам, сега студентите ќе ги анализираат и целокупните високообразовни системи. Законски решенија како нашите, вели, нема никаде во светот!
Повикот за дебата за нов Закон за високо образование, според Студентскиот пленум не треба да симулира компромис помеѓу две засегнати страни, а во пракса да биде само празна флоскула што Владата и Министерството ја користат во повеќе наврати за да го делегитимираат мотивот за бунт на едно од најавтентичните движења –студентското. Затоа тие се организирани како Студентскиот пленум кој од своите почетоци до денес останува во одбрана на своите ставови и аргументи против лошите реформи во високото образование. Професорите, велат студентите, имаат разбирање за нивните проблеми и за нивните ставови бидејќи тие се еквивалентен дел од академската заедница и постигнуваат договор околу ставовите и прашањата кои ги засегаат студентите преку отворен и аргументиран дијалог.
Студентите, според студентката по уставно право Ивана Туфегџиќ, досега покажаа и докажаа дека се инвентивни, борбени, упорни и спремни да се соочат со предизвиците наречени образовни реформи. Добрата организација и досегашните успешни настапи се доволен мотив да продолжат понатаму, бидејќи според неа, мотивот е огромен бидејќи целта е бесценета.
“Добрата организација и успешните досегашни настапи се голема мотивација, но сепак и она кон кое целиме е огромен мотив за напорна работа и за жртвување на слободното време. Енергијата ја црпиме меѓусебно со солидарноста, со поделба на задачите и се разбира различните идеи за активности кои секогаш ги има во огромен број.Професорите и пред да се оформи Професорскиот Пленум беа со нас, токму поради тоа што нашата заедничка цел е подобар високообразовен систем и законски решенија кои ќе бидат донесени со инклузивност, наместо октроираност. Затоа сега заеднички се борат и студентите и професорите”-вели Туфегџиќ.
Окупација на факултетите со знаење и креативност!
Факултетите природно им припаѓаат на студентите, како ентитет во академската средина. Тоа е велат студентите од Пленумот, еден вид автономна слободна зона, во која студентите и професорите заедно ќе делуваат. “Окупацијата ” претставува и бојкот на формалната настава, и воведување на алтернативни предавања се со цел прикажување како навистина функционира високото образование. Окупацијата за Студентскиот пленум е повеќе од губење предавање, таа е воведување на предавање, окупацијата е и повеќе од бојкот, бидејќи самата по себе е средство и нужност за одбрана на автономијата и за одбрана на она што ним им припаѓа, Универзитетот.ж
С.Б.
Слично
