Студенти, професори и граѓани протестираат пред Студентскиот парламент
Голем број студенти, професори и граѓани се собраа вечерва на протест пред зградата на Студентскиот парламент.
Тие протестираат револтирани од инцидентите кои се случија вчера на студентските избори. Студентите побараа одговори од МВР за вчерашната интервенција.
СПУКМ е под силно полициско обезбедување.
„Ние, студентите од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј„ кои вчера баравме праведни и слободни избори за студентски претставници бевме брутално нападнати и омаловажени. Нашата академска чест беше понижена, нашите индекси скинати!“ - порачуваат студентите.
Со протестот тие ќе побараат четири работи:
1. МВР веднаш да им ги достави извештаите во кои се согледува зошто беа распоредени специјални единици на мирната блокада која се случи пред просториите на Студентскиот парламент
2. Поништување на изборите за претседател на СПУКМ од страна на Изборната комисија на СПУКМ или в.д. Претседателот на СПУКМ, Кирил Спировски
3. Изјаснување на Универзитетскиот сенат, Ректорската управа, Ректорот и проректорите, кои мораат остро да ги осудат вчерашните случувања, и не смеат да ги признаат овие срамни избори
4. Непризнавање на претставниците на СПУКМ во раководните тела на УКИМ од страна на УКИМ
Во спротивно, најавуваат дека пленумот радикално ќе го бојкотира почетокот на академската година и нема да ги уважува одлуките на универзитетските тела, порачувајќи дека ќе го исперат овој академски срам и ќе победат.
Давор Поповски е избран за нов претседател на Студентскиот парламент на УКИМ.
