Економија, финансии, бизнис

Контакт

Студенчишкото блато во категоријата за „Споменик на природата“

Студенчишкото блато во категоријата за „Споменик на природата“
Охридските советници на вчера одржаната седница ја поддржаа иницијативата за отпочнување постапка за прогласување на Студенчишкото блато за заштитеното подрачје, во категоријата „Споменик на природата“, како легислатива насочена кон заштита на остатокот на тој мошне важен дел од поширокиот еко-систем на Охридското Езеро. Иницијативата за заштита на Студенчишкото блато ја иницираше охридскиот локален интернет портал „ОхридЊуз“, за потоа да биде проширен во рамки на Проектот за заштита на биодиверзитетот на езерата во Дримскиот Басен.

Според последниот проект инициран од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, со финансиска поддршка од Германското друштво за соработка ќе бидат реализирани неколку инфраструктурни зафати за повторно поврзување на блатото со Охридското Езеро, како и изградба на патеки во блатото што ќе служат за научни и туристички цели.

Од некогашните 40-тина хектари, денес од Студенчишкото блато остана површина од околу 25 хектари. Голем дел од ова природно живеалиште на најразлични форми флора и фауна, меѓу кои и ретки видови, под влијание и разни активности на човекот е уништен во изминатите децении. На некогашното блато денес има станбени комплекси, спортски центар, а во срцето на овој важен дел од еко-системот се сместени управната зграда на ЈП „Охридски Комуналец“ и дендролошкиот расадник, како и армиски и полициски објекти. Со изградба на асфалтната патека од Охрид до Горица беше прекината природната комуникација на езерото со блатото, каде се мрестеа повеќе видови риба меѓу кои и охридскиот крап. Дел од блатото е претворен во депонија што сериозно го загрозува опстанокот на живиот свет, за што говори и фактот што веќе се исчезнати неколку видови ретки растенија, меѓу кои и препознатливиот жолт локван и белиот лотос. Експертите проценуваат дека прогласувањето на блатото за заштитено подрачје ќе го ревитализира просторот, а со тек на време повторно тука ќе ги има исчезнатите примероци од флората и фауната.
Слично

Поврзани вести