Студената војна се враќа на Балканот!?
Неделава што имина два настана најавуваат дека Русија и САД во наредниот период ќе си ги мерат силите на Балканот. Дали тоа е предвесник на нова „Студена војна“? Овој пат на едно мало парче од Европа. Станува збор за изјавите на рускиот вицепремиер Димитриј Рогозин при посетата на Србија и контраизјавите на Бен Роудс, заменик советник за национална безбедност на американскиот претседател Барак Обама.
Рогозин во интервју за белградска „Политика“ изјави дека Русија има негативен однос кон ширењето на НАТО на Балканот. „Ние на тоа ширење гледаме како на опасен и провокативен процес и, секако, не можеме да не реагираме. Кон него се однесуваме категорично негативно. Сметаме дека и ширењето со Словенија и Хрватска беше неправилно делување. А ширењето со Црна Гора и потенцијално со Македонија, кај нас предизвикува сериозни прашања“, рече Рогозин. „Се вели дека НАТО не се заканува никому, дека е одбранбен сојуз, дека пристапувањето во него им носи на тие држави поголема безбедност. Тоа се пропагандни формули. Нивната пропаганда има цел да го намали влијанието кон оние проблеми кои реално ги предизвикува ширењето на НАТО. Дали испораката на балистички ракети на Хрватска ќе и донесе повеќе безбедност на таа земја“, праша Рогозин. За време на својата посета тој на Србите им понуди воена опрема, која би имала дефанзивен карактер, вклучувајќи ги и системите за противавионска одбрана С-300, како противодговор на најавите дека Хрватска ќе се опремува со балистички проектили со домет од 300 километри.
Само еден ден по овие зборови на Рогозин од другата страна на Атлантикот, се јави Бен Роудс. На брифингот за новинарите во Вашингтон, како што пренесоа медиумите, Роудс беше прашан и за тоа дали САД планираат да ја засилат својата поддршка за проширување на НАТО на Балканот, вклучително и со Босна, имајќи ги предвид обидите на Русија да го зацврсти своето влијание во регионот и најавите дека може да и достави модерни противавионски ракетни системи на Србија. Роудс изјави дека американската администрација не го гледа проширувањето на НАТО како дел од старовремска пресметка на САД со Русија. Според него, „Во врска со Русија и НАТО, многу важен принцип е дека земјите од регионот би требало да можат слободно да донесат одлука за својата иднина, за своите идни ангажмани, за своите идни односи со Европската Унија и со НАТО“.
Во продолжение на изјавата Роудс вели дека САД искрено, не сметаат дека е во интерес на регионот да биде вмешан во соочување меѓу САД и Русија како во периодот на „Студената војна“, кога едната страна треба да победи, а другата да загуби. Според него, тоа не е конструктивен пристап за регионот. „Оттаму, одлуките за членство во НАТО не ги правиме имајќи ја предвид Русија, и не бараме натпревар со Русија за наклонетоста на одредени држави. Бараме исполнување на конкретните критериуми за членство во НАТО, како што се одбранбените капацитети на кандидатите, кои се нивните одбранбени потреби, дали има политичка и поширока поддршка за членството во НАТО? Тоа се јасните критериуми поставени во изминатите години кои ни овозможуваат да утврдиме дали некоја држава сака да влезе во НАТО, дали таа нација има капацитет да донесе одредена вредност кон Аијансата и дали нашиот сојуз ќе има целосна поддршка врз основа на принципот на консензус врз кој е засновано НАТО и со прифаќање на длабоките обврски кои произлегуваат од членот 5“, изјави Роудс.
Последниве ставови на Роудс повеќе служат за замајување на јавноста и на оние кои се со кратко паметење. По распадот на Советскиот Сојуз, приемот на многу нови членки во Алијансата беше повеќе политика, отколку вистинскиот нивни капацитет „ да донесат одредена вредност кон Алијансата“. Ставот на НАТО е јасен. Организацијата мора да ја заврши приказната на ширење со кооптирање на целиот Балкан. Но, очигледно е дека Русија ја промени својата политика кон ширењето на НАТО на Балканот и се ќе прави тоа да се одбегне. Лично, сметам дека промената на ставот доаѓа доцна. Сум кажал повеќе пати Русија политички го има загубено Балканот. Прашање на време е кога тој целиот ќе биде интегриран во НАТО.
Ако се вратиме во годините по распадот на Југославија, речиси сите нејзини наследнички, па и другите балканските држави кои беа во советската сфера на влијание, јасно се определија за интеграција во НАТО и ЕУ. Ставот на Руската Федерација, тогаш и долго потоа, беше дека сметаат дека тоа не е правилно, но дека тоа е внатрешно прашање на конкретната земја. И една по една, земјите од Балканот влегуваа во евроатлантските интеграции, а Русија не се однесуваше „категорично негативно“. Погорниот став им беше испорачуван и на нашите политичари кога доаѓаа во посета на Москва. Но, по настаните во Украина стигнаа предупредувањата од Запад и од Исток. Поточно од Џон Кери и од Сергеј Лавров. Американскиот министер за надворешни работи тврдеше дека Балканот и Македонија во тие рамки се наоѓа на линијата на потенцијалната закана од Русија. Рускиот министер пак зборуваше за западен институционален „притисок“ врз македонското раководство. И сега од „не е правилно“ дојдовме до руски став за ширењето на НАТО дека тоа е „сериозно прашање“,„опасен и провокативен процес“ и дека Русија кон ширењето се однесува „категорично негативно“. Ова треба да се сфати сосема сериозно. Рогозин е „тешкаш“, три години беше постојан претставник на Русија во НАТО, одговорен е за развојот на воената индустрија во државата, има големо политичко и дипломатско искуство.
Каде е овде Македонија? Што направила или не направила нашата дипломатија до конфликтот на Украина за да се смени рускиот став кон ширењето на НАТО на Балканот? А ние за него да молчиме. Дали „кучката мрднала со опашката“? Дали има двојна игра? Одговорите на овие прашања ги знаат оние што се задолжени за водење на нашата надворешна политика. Премиерот Груевски неодамна беше во САД и се сретна со потпретседателот Џо Бајден. Веројатно искрено ги повторил заложбите што побрзо да бидеме вклучени во Алијансата. Противењето на Грција е факт, но има и други работи за влез во неа. На пример „вредностите“ на Роудс. Ако се суди според тоа, тогаш тој е во право за приемот на нашата држава во Алијансата, кога вели дека „за Македонија, временскиот рок до јули(кога ќе биде следниот Самит на НАТО во Полска) е многу краток, и процесот веројатно ќе се одвива преку подолг временски период“. Дотогаш „тајната дипломатија“ ќе работи на отворање на патот на Македонија во НАТО.
Искуството од Самитот на НАТО 2008 година во Букурешт е добро поука. Претседателот на САД во заминување Џорџ Буш, тогаш дури најави дека Македонија ќе биде членка на НАТО. Но така не есапеа Грците. И сега Обама е во заминување. Значи ќе го чекаме новиот американски претседател. А тоа значи на дневен ред на НАТО Македонија сериозно може да се најде најрано во средината на 2017 година. Отворената покана за членство добиена во Букурешт дотогаш треба да се завери. Се разбира, најмногу со согласност на Грција. Но и со нови „вредности“, зашто сегашниве за некого служат како изговор за попречување на патот до Алијансата.
А „Студената војна“? Доколку настане, таа може само да ја забрза интеграцијата.
Мирче Адамчевски
Слично
