Студен туш за пензионерите во Грција
Над 150 000 пензионери во Грција виделе дека пензиите им се намалени за 48% во споредба со сумите кои ги примале во претходните месеци, пишува грчкиот весник „Имерисија".
Намалувањето на пензиите е во согласност со условите договорени од грчката влада со кредиторите на земјата во рамките на третиот спасувачки пакет финансиска помош. Приходите на 150 000 пензионери биле намалени со над 40%, иако договорот со кредиторите предвидува ова намалување првично да е 20%.
Намалувањето на пензиите стартува од најниските, наместо од највисоките пензии, соопштија грчките медиуми. Пензионерите кои чекаат во редици пред банките, коментираат дека пензиите веќе не им стигнуваат дури ни за храна.
Грција ги намали пензиите, воведе нови даноци и зголемување на постојните даноци неколку пати во текот на последните години, за да ги исполни условите на меѓународните кредитори. Неодамна грчкиот парламент одобри зголемувањето на даноците, вклучувајќи ја тука и храната, пијалоците, патувањата, цигарите, телефонски и телевизиски услуги.
