СТРУЈАТА ПОСКАПЕ ЗА ИЛЈАДА ОТСТО, ГАСОТ ЗА 700, ЈАГЛЕНОТ ЗА 200, МАЗУТОТ ЗА 100 - ЕСМ ги повикува граѓаните да штедат, за да има електрична енергија за сите
Државната компанија за производство на струја ги повикува граѓаните да го штедат овој енергенс, со цел да се намали потрошувачката и да се обезеди сигурно снабдување за сите со електрична енергија.
Почитувани граѓани, во услови на голема глобална енергетска криза, АД ЕСМ Ве повикува сите, согласно можностите, доследно да се придржувате кон мерките за штедење на електрична енергија, како дел од севкупното движење во Европа за намалување на потрошувачката на електрична енергија.
АД ЕСМ како производител на 70 отсто од вкупната електричната енергија во државата, што ја покрива 100-процентно целокупната потреба на граѓаните и малите потрошувачи (мали фирми и јавни институции), апелира секој поединец да даде максимален придонес за намалување на потрошувачката на струја во државата, со свој личен влог.
АД ЕСМ ќе ги вложи сите напори да ја произведе целата електрична енергија која е потребна за граѓаните до крајот на грејната сезона и истата да ја има во доволни количини, но граѓаните треба да знаат дека секој киловатчас кој ќе го заштедат, ќе значи помалку трошење на јаглен, мазут и гас за неговото производство. Тоа значи заштеда на големи средства од државниот буџет, средства кои се на сите нас, бидејќи цените за набавка на енергенсите се енормно зголемени“, пишуваат од државните електрани во своето соопштение.
Со почетокот на глобалната енергетска криза, како што нагласуваат оттаму, цената на мазутот е зголемена за речиси 100 отсто, на јагленот за над 200 отсто, а на гасот за 700 отсто. Цената за набавена електрична енергија е покачена за 1.000 отсто.
„Ваквите цени, во услови на криза, државата и граѓаните тешко ќе можат да ги поднесат. Доколку се придржуваме на мерките, енергијата која ќе се заштеди, АД ЕСМ ќе може да ја пренасочи кон стопанството, посебно кон големите фирми и институциите, кои купуваат струја на слободниот пазар по енормно високи цени, и на тој начин ќе можеме да им понудиме одредена количина по пониски цени, со што ќе се намалат нивните трошоци за работа.
Само со штедење на електричната енергија, сите ние можеме многу да им помогнеме на болниците, училиштата, градинките, како и на нашата економија, и заедно да излеземе од оваа наметната криза“, пишуваат од ЕСМ во своето соопштение.
