Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТРЕС, КРВНИ САДОВИ И СРЦЕ: Како настанува менаџерска болест?

СТРЕС, КРВНИ САДОВИ И СРЦЕ: Како настанува менаџерска болест?
Хроничниот и нерегулираниот стрес предизвикуваат кај значителен процент на луѓе, а особено кај од одговорност оптоварените луѓе, основачите на бизнисот, менаџерите и раководниот работен кадар, пореметувања на ниво на кардиоваскуларниот систем (срце, крвни садови и нивното функционирање). Мошне се познати во секојдневието и често присутни состојбите наречени тахикардија (забрзана работа на срцето), аритмија (прерипувања во ритамот на работата на срцето), стенокардија (стегање во пределот на градниот кош), хипертензија, прединфарктни состојби (ангина пекторис итн.), срцеви и мозочни инфаркти. Тие, покрај тоа што се водечки причинители за болести и смрт, претставуваат и основен корпус на здравствени нарушувања кои со децении се подведуваат и под тнр. „менаџерска болест“. Покрај нив тука вообичаено се вбројуваат и стомачните стресни пореметувања (нервозен стомак, надуеност, болност, хиперацидитет, чир во стомакот и тенкото црево, иритабилен и крвав колон, М.Крон итн.), диабетесот од тип 2, ненаследените хиперлипидемиии и невродерматити. Вообичаено овие пореметувања остануваат на ниво на општа или пак интернистичка амбуланта, без подлабоко навлегување и специјалистичко третирање на стресната акумулација која стои секогаш во подлогата на овие состојби. Но, како настанува врската меѓу стресот и пореметувањата  на ниво на кардиоваскуларниот систем? Стресот предизвиква зголемување на нивото на катехоламините (норадреналин, допамин, адреналин) во организмот. Тоа натаму доведува до забрзана работа на срцето и пореметување на срцевиот ритам (пулс). Оттаму настануват и состојбите наречени тахикардија и аритмија. Тахикардијата и аритмијата спаѓаат меѓу најчестите причини кои ги водат луѓето кон општи медицински прегледи, како и лабораториски, интернистички и кардиолошки претраги. Едновремено тие, поради тоа што се најчесто пропратени со силен внатрешен немир, претставуваат и основа за развивање на паничен страв и фобии. Хипертензијата (покачениот крвен притисок), во поредок случај, може да биде од органско потекло (болести на бубрегот, вродени аномалии итн.). Доколку не е од органско потекло, таа е скоро секогаш директно или индиректно (атеросклероза, шеќерна болест итн.) поврзана со стресот и пореметувањата кои произлегуваат од стресот. Оттаму регулацијата на стресот и нездравиот стил на живеење (навики во јадењето, спиењето, движењето, дружењето итн.), кој самиот по себе претставува извор на стрес за организмот, доведува и до нормализација на крвниот притисок. Стресот ги покренува механизмите за создавање на пореметувања во крвните садови преку неколку механизми. Од една страна, под дејство на стресот настанува ослободување на неестирифицирани (слободни/„лоши“) масни киселини кои натаму предизвикуваат оштетување на ѕидот на крвните садови, создавање на атером и атеросклероза, а тоа води кон развој на болести на крвните садови и срцето (хипертензиа, тромбоза, емболија, ангина пекторис, инфаркт...). На друго ниво стресот, преку зголемена активност на симпатикусот и ослободениот серотонин, предизвикува зголемена адхезивност (лепливост) на тромбоцитите, создавање на микрогранулации (згрушување), тромбоза и инфаркт. Од трета страна, стресот преку зголеменото лачење на катехоламините може да предизвика намалување на способноста за користење на кислородот во клетките на срцевиот мускул (миокардот) што резултира со оштетување на срцето и потенцијална смрт. Овој механизам е понекогаш причина за ненадејна смрт, без претходно да биде развиена атеросклероза, тромбоза или коронарна инсуфициенција. Од сето ова произлегува дека е потребно навремено и ефикасно регулирање на стресот. Со тоа би се намалило штетното дејство на лошите масти и катехоламините врз крвните садови и срцевиот мускул, би настанала регулација на симпатикусот и одбегнување на создавањето на тромби. Во исто време, висококвалитетните антистрес програми го помагаат и ослободувањето на ендрофинот во организмот кој, покрај релаксационите и други позитивни дејства врз организмот, предизвикува заштита на здравите и заздравување на веќе оштетените крвните садови. На интерактивниот интернет портал за самопомош во областа на стресот www.antistres.mk постои можност за избор на соодветни антистрес програми за заштита на организмот од последиците од стресот. Научете како да управувате со стресот, лесно и ефикасно! За авторот: Спец. Др. Звонко Џокиќ е меѓународно познат експерт за стрес и психотерапија, автор на проектот Антистрес Клуб (www.antistres.mk) како и на специјалните антистрес програми кои можат да се најдат на порталот. Во колумните што следат ќе најдете доста корисни информации за тоа како да ги надминете стресот и последиците поврзани од стресот.
Слично

Поврзани вести