Економија, финансии, бизнис

Контакт

Страв кај продавачите од интернетот

Страв кај продавачите од интернетот

Дали одењето во продавница ќе стане минато? Продавачите се жалат дека муштериите се помалку купуваат, а се почесто доаѓаат само да прашаат за стоката која потоа ја порачуваат преку интернет. Веќе постои и име за тоа: Showrooming.

Петер Вајигуни продава техничка стока веќе 35 години. Тој проценува дека околу 30 отсто луѓе кои влегуваат во неговата продавница во центарот на Бон, не сакаат да ја купат изложената стока. Наместо тоа, бараат информации за одреден апарат. Потоа, нивните пари одат кај интернет продавачите. Веќе постои и име за тоа: Showrooming.

Некои продавачи велат и дека муштериите доаѓаат во продавница заедно со апарати кои штотуку ги купиле на интернет и бараат совет. Една продавачка од Австралија воведе и хонорар - во нејзината продавница во Бризбејн информациите се плаќаат пет долари. Ако муштерија купи стока во нејзината продавница, тој износ се одзема од цената, пишува Дојче Веле.

Продавницата на Петер Вајигуни продава специјални и тешко достапни делови, па тој се уште не е загрижен за иднината. Но, многу негови колеги веќе се уништени од новиот начин на купување.

- Малите продавници умираат. Опстануваат само големите продавници. Можете да ги проверите цените со паметен телефон и да видите каде стоката е поевтина – вели Вајигуни.

Кај Фалк, првиот човек на Трговскиот сојуз на Германија, не верува дека продавниците ќе изумрат. - Секој десети муштерија оди во специјализирани продавници по информации и потоа купува преку интернет – вели тој. Интернетот создава проблеми, но само за тие продавачи кои не се прилагодуваат на новото време. – Во овој момент, секој петти продавач продава преку интернет. Тие така извлекуваат профит од двата начина на купување.

Интернетот донесува заработка

Експертот Бјерн Блохинг исто така смета дека стравот од интернетот нема основа. Блохинг работи во консултантската компанија Роланд Бергер, а негова специјалност се трговијата и потрошувачката. – Нашите резултати покажуваат дека интернетот е причина за голем број купена стока. Луѓето одат на интернет, ги наоѓаат потребните информации, а потоа одат во продавница и купуваат што им треба. – Според неговите податоци, интернетот донел 70 милијарди евра заработка на малите продавачи во Германија. Наспроти тоа, изгубени се само шест милијарди евра поради купувачи кои во продавница дошле нешто да видат или да пробаат.

И мрежа и мамка

Бјерн Блохинг смета дека интернет портал треба да се употреби како Showrooming т.е. простор за изложување. Погрешно е продажбата на интернет да се гледа како нешто споредно. – Ако продавачите создадат добро доживување при купувањето, ако даваат на луѓето можност да ги прегледаат работите на интернет, да пребаруваат, да се воодушеват – можат да ги намамат луѓето да дојдат во продавница. Покрај тоа, можат да пружат можност и за споредување на различни производи. Тоа донесува далеку поголем профит, од некакви интернет продавници, направени без инспирација.

Купување во т.н. природна средина

Блохинг препорачува и друга стратегија. Клучна идеја е дека купувачот мора да ужива додека е во продавница. Некои продавници веќе нудат бесплатни филџани кафе, но Блохинг смета дека подобро е да се биде поамбициозен: една голема фирма која продава спортска опрема направи посебна сала во која температурата е минус 20 степени, во која можат да се пробаат вреќите за спиење. Тука има и базен за пробување на кануа. Се размислува и за поставување на ѕид за качување, за тестирање на облека која е наменета за тоа. Интернет продавачите не би можеле да се мерат со тоа. – Луѓето таму прифаќаат повисоки цени – смета Блохинг.

Блохинг наведува и пример на џиновски супермаркет во Франција: стоката кај нив може да се порача преку интернет, персоналот сето тоа го пакува, а муштеријата потоа доаѓа со возило и ја зема купената стока.

- Треба само да ги ставам кесите во багажникот, резервации се прават со кредитна картичка и на сето тоа потрошив околу три минути.

Слично

Поврзани вести