Стартува циклусот обуки од програмата „Самовработување – 2014 година“
Во периодот од 2007 до 2013 година преку програмата за самовработување беа формирани вкупно 5.835 микро бизниси, што укажува дека е направен значаен чекор во насока на намалување на невработноста, ова го изјави денеска, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски во Агенцијата за вработување на Република Македонија пред учесниците на Обуката за „Претприемништво и бизнис планирање“.
Целта на програмата „Самовработување 2014 година“е да се намали невработеноста преку обучување и стимулирање на невработените лица за отпочнување на сопствени бизниси. Програмата опфаќа запознавање на заинтересираните невработени лица со основите на претприемништвото, обука за изготвување на одржливи бизнис планови, помош при регистрација на сопствен бизнис и финансиска поддршка за започнување на бизнисот или финансиска поддршка за постојни бизниси на евидентирани невработени лица кои имаат искуство во вршење на дејноста.
Изминатата година, во рамките на двата циклуси на програмата, близу 1.500 лица ја посетија обуката за претприемништво при што со помош на стручни деловни консултанти развија бизнис идеи. Најдобро оценетите 930 бизнис планови добија советодавна и финансиска неповратна поддршка за регистрација на фирма и набавка на опрема и материјали во износ од 3.000 евра.
Оваа година преку Програмата за самовработување, за која се обезбедени над 200 милиони денари, се предвидува 950 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа да добијат советодавна и финансиска неповратна поддршка. На најдобрите 50 бизнис планови им се нуди можност за дополнително едно вработување во рамките на нивното новоформирано претпријатие, односно дополнителна финaнсиска поддршка во износ од 1.500 евра.
Слично
