Стратешки важно за Македонија е да бара да биде дел од новиот „Јужен поток“!
Македонија има идеални услови да стане земја низ која ќе поминува, ќе транзитираа огромен гасоводен коридор со огромни капацитет, сега најлошо за Македонија е да остане по страна, како досега, кога се во прашање големи енергетски проекти, ова во интервју за Фактор го вели енергетскиот консултант Митко Андреевски. Постојат многу различни теории за падот на цената на нафтата на светските берзи, но три се исклучително битни да се наведат. Падот на цената на нафтата е заштита за Европа и Украина од евентуалното запирање на дотокот на гас кон Европа од страна на Русија, додава Андреевски.
Фактор: На трасата на новиот „Јужен поток“ е и Македонија, што значи за нас ова?
Андреевски: Сеуште нема официјален предлог за нова траса на гасен коридор од Руската Федерација до земјите на Југоисточна Европа. Има само предлог/изјава од претседателот на Русија, Владимир Путин за можност за изградба на таков гасен коридор. Секако дека Република Македонија во еден ваков развој на настаните треба да биде активна и да заземе сериозно учество во истиот. Најлошо е да остане по страна, како досега. Со или без Јужен Поток, поврзување со ТАП или поврзување со гасниот систем на Грција, стратешки важно за Македонија е да бара приклучок од југот.
Фактор: Што значи ова дека Јужен поток не е мртов и напротив уште подобар затоа што нашата држава станува дел од трасата?
Андреевски: Доколку дојде до реализација на Јужно крило од Јужен поток, или можеби приклучување кон ТАП, за Македонија има идеални услови да стане земја низ која ќе поминува ќе транзитираа огромен гасоводен коридор со огромни капацитет. Тоа за републиката ќе значи сериозен прилив на нови финансиски средства. И уште поважно, ќе добиеме стабилен и квалитетен извор на природен гас со пониска цена од досега. Секако тоа ќе ја направи нашата економија многу поконкурентна од останатите.
Македонските власти пред се мора да знаат што прават
Фактор: Како македонските власти треба да одговорат на овој предизвик?
Андреевски: Македонските власти пред се мора да знаат што прават. Ние досега имаме поразителни резултати. Ние од Русија неможеме да реализираме побарување од 60 милиони долари од Клириншкиот долг. Имаше иницијативи и 10 години нема реализација. Ова е поразително. Како ли пак ќе реализираме вака голем проект!? Македонските власти треба да ја слушнат внимателно изјавата на Путин „Ќе им предложиме на нашите Европски партнери да изградиме заедно гасен коридор кој ќе поминува низ Грција и Македонија до Австрија“. А тие партнери се: ЕУ, компаниите и банки од ЕУ.
Фактор: Која е разликата помеѓу стариот и новиот Јужен Поток, дали е само менувањето на трасата?
Андреевски: Во основа капацитетот на компресорите и излезот од копнениот дел на Русија е ист. 63 милјари НМ3 ( нормални метри кубни) годишно. Разликата е во трасата која во првичниот проект требаше да поминува под Црното Море па се до Бугарија, а во новиот предлог (изјава на Путин од 01 декември.2014 во Анкара) се намалува должината на морската траса и завршува во Турција. Тоа е засега реално. Втората фаза е реализација на копнениот дел кој треба да транзитира низ Грција.
Во наредниот период ќе бидеме сведоци на рушењето на досегашниот монопол на Балканот
Фактор: Зошто Европа жестоко реагираше на Јужен поток?
Андреевски: ЕУ по првата гасна криза во 2005 година и втората во 2009 година е многу внимателна. Таа (ЕУ) бара доколу од било какви причини дојде до не` испорака на гас од страна на Гаспром, по истиот гасоводен коридор да имаат достапност и други снабдувачи или трговци со гас. За разлика од ЕУ, Русија и Гаспром инсистираат тие да имат ексклузивно право на сопственост и користење над гасоводниот коридор без право трета страна да може да го користи истиот.
Фактор: Дали е ова политички или бизнис проблем?
Нема или. Јас би рекол дека овој проблем е и политички и бизнис. Проблем е кога енергенсот се користи за реализација на политички барања. А бевме и сме сведоци дека се користи за политички цели. Еден пример: по кои бизнис правила во два периода (2006 – 2010) се менуваше цената на гасот за Украина во зависност од лидерот кој ја води. Во врска со бизнисот, во наредниот период ќе бидеме сведоци на рушењето на досегашниот монопол на Балканот. Се` поголемо учество на други компании ќе бидат присутни на нашиве простори.
Фактор: Америка против Русија или нешто друго е во прашање?
Андреевски: Соединетите Американски Држави имаат цел во 2017 година да бидат најголем светски производител на природен гас. Самата таа цел е голема провокација за Русија која има(ше) место на пазарот на ЕУ. Затоа повеќето аналитичари ова го третираат како закана кон главната извозна гранка на Русија. Напоменувам дека најголем контробутор во буџетот на Руската Федерација доаѓа од продажба на нафта и гас.
Три теории за падот на цената на нафтата на светските берзи
Фактор: Што се случува со падот на цената на нафтата на светските берзи?
Андреевски: Постојат многу различни теории за падот, но три се исклучително битни да се наведат. Прво, падот на цената на нафтата е заштита за Европа и Украина од евентуалното запирање на дотокот на гас кон Европа од страна на Русија. Со ова Западот постигнуваат најмалку две работи, без проблеми да ги замени сите институции од гас на нафта и притоа нема да имаат голема разлика во цената. Второ, се врши сериозен удар кон економијата на Русија и трето Саудиска Арабија како голем производител од класични традиционални извори на нафта, сака да го спречи евентуално напредувањето на нови техники и технологии за производство на нафта, која не е возможна ако цената на нафтата на берза е под 76 долари за барел.
Фактор: Што е со руската рубља, колку падот на вредноста на руската валута е поврзана со природниот гас или е само последица на санкциите на Брисел кон Москва?
Андреевски: Падот на руската рубља е резултат и комбинација на неколку мерки; санкции од западот кон Руската Федерација, падот на цената на нафтата и економската состојба во Русија. Поради методологијата за утврдување на цената на гасот во наредниот период (од минимум 6 месеци) тој ќе ја губи својата вредност, и тоа дополнително ќе создаде проблеми во Русија.
И.М
Слично
