Страотни поплави и невреме во САД и Мексико
Илјадници луѓе се евакуирани, а многу патишта се затворени во САД и Мексико поради поплави.
Во големите поплави во овие држави загинаа три лица, а онаму каде имаше евакуација на населението улиците станаа реки.
Силните врнежи во изминатите два дена ги зафатија државите Луизијана, Арканзас, Тенеси, Тексас и Оклахома. Гувернерот на Луизијана прогласи вонредна состојба во 16 општини и испрати Националната гарда да помага на локалните власти. Во Луизијана, жителите на 3500 станбени згради биле евакуирани поради невремето. Луѓето биле спасувани од покриви на куќи, автомобили и од дрвја.
Националната метеоролошка служба соопшти дека денеска дождовите ќе продолжат и дека се можни изливи по течението на реката Мисисипи.
Студен бран го зафати Мексико, донесе снег, а во главниот град на земјата има дождови и силен ветер до 70 километри на час.
Според податоци на спасувачките служби, имало паднати 510 дрвја, 36 столба на далноводи и 70 билборди.
Во различни региони на Мексико делумно или целосно е откажана наставата.
Населението беше предупредено да се заштити од смрзнување и „многу внимателно" да користи апарати за загревање.
Слично
