Странските компании за технолошки напредни производи ја поздравуваат владината одлука за намалување на царините
Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство при Советот на странски инвеститори, а во рамки на Стопанската комора, ја поздравува вчерашната одлука на Владата на РСМ за намалување на царинските стапки на одделни компоненти потребни за производство на технолошки напредни производи.
„По иницијатива на Асоцијацијата, се побара изедначување на царинските стапки на ниво на оние во Европската унија за одделни компоненти кои им се неопходни на компаниите за нивниот технолошки процес, а со времетраење до 30 јуни 2022 година.
Намалувањето на увозните давачки е на нивото на царинските стапки на Европската унија, со цел да се зголеми извозната конкурентност на домашната индустрија која произведува технолошки напредни производи, a се однесува во најголем дел на суровини и репроматеријали кои ги употребуваат првенствено компаниите членки на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство“, се вели во соопштернието од Асоцијацијата.
Оттаму нагласуваат дека во услови кога усогласувањето со царинските стапки на ЕУ се јавува како обврска на земјата во процесот на пристапување во ЕУ, автономните мерки претставуваат привремено решение што е во функција на зголемување на извозната конкурентност на индустријата во земјава, која произведува технолошки напредни производи. Тоа, секако ќе придонесе за подобро деловно работење на сите компании од секторот, но и за поголема атрактивност на земјата при привлекување нови компании со странски капитал.
„Позитивниот одговор од страна на Владата се должи на опсежните анализи и интензивната комуникација со Асоцијацијата во изминатиот период, којашто останува доследен партнер, за изнаоѓање трајно решение за целосно и трајно усогласување на царинските стапки, но и за генерално унапредување на бизнис климата за инвеститорите“, се вели во дописот од странските инвеститори во земјава.
