Странските инвеститори го поздравија изгласувањето на измените на Законот за царинска тарифа
Советот на странски инвеститори го поздравува вчерашното усвојување на измените на Законот за Царинската тарифа, со што дополнително ќе се намалат царинските стапки на 70 стоки што како суровини, репроматеријали и компоненти се користат во преработувачката индустрија.
„Намалувањето на царинските стапки значи нивно усогласување со оние што важат во ЕУ. Советот на странски инвеститори во изминатиот период укажуваше на потребата од усогласување на царинските стапки на најприоритетните суровини и репроматеријали кои се употребуваат во преработувачката индустрија, а воедно и од дополнување со нови тарифни ознаки во домашната Царинска тарифа со царински стапки кои се применуваат на ниво на ЕУ. Усогласувањето на царинските стапки со европските ќе значи зголемување на конкурентноста на домашните и странските компании кои извезуваат на надворешните пазари и зголемување на македонскиот извоз, воопшто“, гласи соопштението објавено од Стопанската комора на РСМ.
Измените на Законот за Царинската тарифа претставуваат продолжение на законските измени од минатата година, кога од 1 јули 2025 година беше извршено намалување на царинските стапки до 50 отсто од нивото на стапките што се применуваат во Европската Унија.
„Во насока на зголемување на конкурентноста и извозниот потенцијал на компаниите,
Советот на странски инвеститори ја поддржува и поттикнува Владата да продолжи со
усогласувањето на царинските стапки како и со склучување договори за слободна
трговија со други земји“, додаваат од таму.
