Економија, финансии, бизнис

Контакт

Странските инвестиции во лер, кројат ли надеж домашните политики

Странските инвестиции во лер, кројат ли надеж домашните политики

Со изгледи за членство на Македонија во Европската Унија и во НАТО, странските инсвеститори требаше да ги кројат своите планови за влог на својот капитал во земјава. Иако надежта за полноправното членство сега се разводени, очекувањата за добра година ако инвестициите се критериум и претходно спласнаа, особено по објавата на бројките за вкупната вредност на странските директни инвестиции во земјата во првото полугодие. Тие беа само потврда на скептицизмот на бизнисот дека непредвидливоста ќе наштети, кога стана јасно дека земјата има проблем со корупцијата, нереформираното судство.  Инаку, минатата 2018, беше година на рекордно ниво на странски инвестиции.

Во средата започна финалната фаза од градбата на фабриката на германската компанија „Гересхajмер“ која ќе има 12.500 квадратни метри, во која првите производи наменети за фармацевтската и медицинската индустрија ќе започнат да се произведуваат на почетокот на втората половина од 2020 година и во која ќе бидат отворени 400 работни места.

Сепак познавачите велат дека во последниот период јасен е впечатокот дека странските вложувања забавија. Проблемот го лоцираат делумно во домашните случувања, но и генерално во регионалниот амбиент и перцепциите на странските компании за ширење надвор. Се согласуваат дека можеби е потребна појасна стратегија за привлекување странски инвестиции.

Рекордно ниско ниво на странски директни инвестиции е регистрирано во вториот квартал годинава, кога Народната банка евидентираше странски инвестиции вредни 6,1 милион евра што е за 71,5 милиони евра помалку од истиот квартал лани.

„Странските директни инвестиции во земјата во вториот квартал изнесуваат 6,1 милион евра и во однос на истот квартал во 2018 година се намалени за 71,5 милиони евра. Намалувањето произлегува од одливот по основ на должнички инструменти кој е 55,3 милиони евра, додека по основ на сопственички капитал и реинвестирање на добивката е регистриран прилив од 61,4 милиони евра, стои во кварталниот извештај што деновиве го објави Министерството за финансии.

Податоците беа обелоденети и претходно од Народната банка, но од Владата сметаат дека токму одливот е причина што крајната сума е незадоволителна. Се тврди дека поради нив, сликата е некомплетна.

Спротивно на впечатоците на јавноста премиерот Зоран Заев изјави дека и германската Гересхајмер инвестира поради добрите политики.

„Политиките даваат резултат. Креираме позитивен економски амбиент во земјата. Сите крупни политички одлуки што ги направивме всушност беа заради економскиот развој, за поддршка на инвестициите, за нови работни места, за повисоки плати. Посветеното работење на привлекување на нови реномирани странски инвеститори, на одржување на добри контакти со постоечките инвеститори, но и на поттикнување на домашните компании да ги прошируваат своите капацитети и да инвестираат во нови капацитети е политика којашто досега беше доминантна и ќе продолжиме сите во таква насока“, рече премиерот Заев.

Вели дека само во Бунарџик, во ТИРЗ 1 и ТИРЗ 2 се реализираат 12 нови објекти на странски инвеститори, чијашто вредност е околу 155 милиони евра. Во првата фаза овие компании вработуваат околу 1100 лица, а согласно нивните бизнис планови вкупниот број на новоотворени работни места треба да достигне над 4.300.

Во првите три месеци од годината, пак странските инвеститори вложиле во Македонија 55,6 милиони евра. Значи во целото полугодие годинава СДИ изнесуваат 61,7 милион евра.

Ланската година беше рекордна, односно во 2018 година како странски директни инвестиции се впишани 625 милиони евра.

А.Т.


Слично

Поврзани вести