Економија, финансии, бизнис

Контакт

Странските инвестиции со најголем ефект во размената: Креираат половина од извозот

Странските инвестиции со најголем ефект во размената: Креираат половина од извозот

Дваесетина странски компании кои инвестираа во земјава во последните десетина години извезле во 2018 година дури повеќе од половина од вкупниот македонски извоз, покажуваат статистичките податоци. Во исто време поради тоа што увезуваат суровини и опрема овие компании се и сериозен учесник во вкупниот македонски увоз или во првата половина од минатата година учествуваат со 44,2 отсто. Народната банка го анализира работењето на овие дваесетина компании и во посебна анализа нотира дека движења на извозот и увозот на стоки, во периодот од 2011 до првата половина на 2018 година упатуваат на постојан раст на суфицитот во размената, од една страна и зголемување на додадената вредност на новите компании, од друга страна.

„Така, во просек, нетоизвозот на новите капацитети изразен како учество во БДП, од 0,4 проценти за периодот од 2011 до 2013 година, достигна 3,8 проценти од БДП во 2017 година, додека само во првата половина од 2018 година тој изнесува 2,4 отсто од БДП, велат од Народната банка во анализата.

Ако се анализира структурата на извозот, најмногу се извезуваат производи од хемиската индустрија и опрема и машини, но според анализата во последните две години расте извозот на возила и мебел. По големина, извозот на хемиски производи и на опрема и машини е околу 90 отсто од вкупниот, додека на возила и на мебел отпаѓаат 9 проценти во просек.

„Структурата на извозот на новите компании значително се разликува од структурата на традиционалниот извоз на домашната економија. Ваквата промена во структурата, во корист на производи со повисок степен на обработка, коишто се помалку чувствителни на промените на берзанските цени, секако доведува до намалување на неговата чувствителност на ценовни шокови. Воедно, и примената на технологија кај овој вид производство е повисока, стои во анализата.

Кога станува збор за возила – од новите компании извезени се 88 отсто од вкупниот македонски извоз, а од целиот извезен мебел, 69 отсто е од фирми кои се нови и кои се со странски капитал.

Инаку во 2007 година на пример, Македонија најмногу извезуваше производи од металопреработувачката, текстилната и прехранбената индустрија, со учество од близу 70 отсто од вкупните извезени стоки. Од 2010 година, па наваму, влезот на новите директни инвеститори во домашната економија поттикна процес на преструктурирање на производството, а со тоа и на извозот и ориентацијата кон производи со повисок степен на обработка, односно со повисоко ниво на софистицираност.

Затоа, како што пишува во анализата, извозот на традиционалните дејности се сведе на околу 26 проценти, додека моментално преовладува извозот на новите индустриски капацитети, односно извозот на опрема и машини и на производи на хемиската индустрија, со заедничко учество од околу 45 отсто во вкупниот извоз за 2017 година.

А.Т.


Слично

Поврзани вести