Странските банки за еврообврзницата ги предупредил Наумов
Писмото до странските инвеститори да внимаваат при купување на македонската еврообврзница го испратил поранешниот дополнителен министер за финансии, Кире Наумов.
Оваа информација ја потврдија од СДСМ. Во име на партијата тој испратил писмо до водечките банки заинтересирани да инвестираат во еврообрзницата, со предупредување дека издавањето на еврообврзницата не е законско и дека треба да бидат внимателни при купувањето.
„Одложувањето е потврда дека сите аргументи и апели за ова финансиското злосторство по налог на Никола Груевски од 650 милиони евра е незаконско и на штета на граѓаните, економијата и идните генерации. Сите инволвирани страни во процесот на издавањето на еврообврзницата, се обврзани да дејствуваат во рамки на важечката правна регулатива“ –реагираат од СДСМ.
Македонија го одложи издавањето на еврообврзницата поради тоа што нагло почнала да расте каматата, откако инвеститорите пресметале дека е ризична за кредитирање.
Кога каматата стигнала до 5,5 проценти Владата видела дека ќе пропадне продажбата и ги известила банките дека го одложува издавањето на еврообврзницата за да преземе мерки за да правно ја регулира постапката за издавање.
