СТРАНСКИ СТУДЕНТИ ВО МК: Прво ги привлекувавме, сега ќе ги редуцираме!
Иако првично владините образовни кампањи беа замислени и спроведени да привлекуваат странски студенти, сега според нив, се презасити интелектуалното тло за студентите од надвор. Новите законски измени во високото образование кои ги најавија од Министерството за образование и наука покрај воведување на два државни испити за домашните студенти, предвидуваат и приемни испити за странските. Од идната академска година странските државјани кои сакаат да студираат кај нас, ќе полагаат приемен. Власта овој чекор го правда со се поголемиот интерес на странските студенти да запишат студии на некој од нашите домашни универзитети. Со тоа, велат надлежните, може да се стави во прашање квалитетот, кредибилитетот и имиџот на високообразовните институции и на државата.
Од Министерството за образование велат дека годишно во земјава, на државните универзитети се запишуваат околу 150 странски студенти кои се стипендирани од Македонската Влада. Тие следат настава на македонски јазик, на пример на Универзитетот Св Кирил и Методиј во Битола, или на англиски јазик на Универзитетот за информатичка технологија во Охрид.
“Странските студенти стипендирани од Владата, се примаат согласно Правилник за прием на странски студенти и согласно критериумите наведени во Конкурсот кој го објавува Министерството за образование и наука кој го објавува секоја година. Тие потекнуваат од бројни земји меѓу кои најчесто од Гана,Египет, Нигерија, Камерун а годинава има студенти од Организацијата на Американски Држави. Ресорното министерство им обезбедува сместување и исхрана во студентски домови , стипендија во висина од 5000 денари месечно и повратен авионски билет”-велат од МОН.Земон:Приемниот за странци ирелевантен, важно е знаењето! Приемниот испит за странските студенти е сосема ирелевантен, бидејќи тиа доаѓаат да научат, а не да им се оценува нивното знаење од средното образование-смета универзитетскиот професор Рубин Земон.Според него, ова прашање најверојатно ќе мора посебно да го разгледаат оние што се занимаваат со политиките во високото образование.
“По мое мислење ова може да има финансиски бенефит за државата која веројатно би наплаќала такса за овие приемни испити. Околу квалитетот, јас сум имал прилика да работам со странските студенти во Унивезритетот “СВ Апостол Павле” во Охрид, и скоро сите имаа солидни познавања од тоа што научиле во средното образование. Проблемот се јавуваше со студентите од прва година, бидејќи не им беше совладан англискиот јазик. Јас повеќе би препорачал студентите да имаат подготвителна годинасо што би го научиле јазикот македонскиот и англискиот, а дополнително и други јазици. Со тоа ќе имаат време за аклиматизација и интеграција во академскиот живот”-вели професорот Земон.Поранешниот студентски лидер Самоил Малчевски кој исто така има предавано на Охридскиот Универзитет, вели дека измените на Законот за високо образование со кои покрај воведување на државни испити за домашните студенти сепредвидува и приемни испити за странските студенти кои ќе се запишат на некој од македонските Универзитети, имаат и позитивна и негативна страна. Позитивната страна е во воведувањето на приемен испит за странските студенти, кој и те како е потребен, кога веќе државата дава стипендии тие треба да бидат доделени на квалитетни студенти, а не на сите што ќе се јават на повикот за стипедирање. Негативната страна е во државните испити за македонските студенти.
“Факт е дека некои високо образовни институции промовираат неквалитет и делат дипломи и тоа мора некаде и некако да престане, но ваквиот потег е грубо рушење на автономијата на Универзитетите. Според мои сознанија вакви тестирања има во Данска, Исланд, Нов Зеланд, Велика Британија, Брунеи, Индија, Малезија итн., но и таму тестирањето го спроведува универзитетски кадар од други Универзитети, а не некои државни тела. За жал Државниот иситен центар нема ни капацитет ни кадар за да спроведува вакви државни истипи.Според мене СПУКМ молчи од разбирливи причини, од 2009 наваму тоа досега многу пати го правеле”-вели Малчевски.Новковски: Државата плаќа за странците, но само за специфична насока која таа ќе ја одреди Во поглед на тоа кој од странските студенти и како треба да се запишува има посебни принципи. Ако овие идни бруцоши имаат државна матура и образование кое одговара на нашиот систем тогаш е логично дека не треба да има приемен испит за нив –потенцира професорот Ненад Новковски. “Проблемот кај нас е што државата плаќа на студентите од странство да одат на специфична институција за која државата одлучува. Погодност е што има голем број на странски студенти, но од друга страна запишани бидејќи државата им дава само таму да се запишат, а не кадешто сакаат тие”-вели Новковски. Спасов:Стрaнските студенти-чист бизнис! Јас би бил пресреќен кога на нашите универзитети ќе почнат да доаѓаат студенти од странство кои ќе сакаат да научат нешто ново, како на Харвард на пример или некој друг светски признаен факултет, да научат нешто подобро отколку во својата матична земја-вели професорот Људмил Спасов од Филолошкиот Факултет” Блаже Конески”.
“ Универзитетот, “Св Апостол Павле” во Охрид на пример, привлекува се повеќе студенти и воведува новини кои ги нема на останатите високообразовни институции. Оваа работа се деградира и стана сама на себе спротивност. Масовно доаѓаат студенти од Република Турција, да се запишат, да поминат еден или два семестри, да добијат писулче и да се вратат назад да го продолжат студирањето дома и да бидат прифатени на унивезритетите во Турција. Ако е тоа бизнисот зоштои во тоа учествуваат нашите установи. Не велам дека е сосема така но со голем број студенти кои се на заминување во Турција сум разговарал. Иронијата е дека не го знаат македонскиот јазик а се должни една година да учат. Дали може да се научи за една година јазикот за да се следи наставата на една високообразована институција? Само по се бе е прашање. Повеќемината не знаат ниту англиски. Се работи за чист бизнис, кој не ни служи на чест“ -вели универзитетскиот професор Људмил Спасов.Странските државјани, заинтересирани за студирање на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се запишуваат според условите утврдени во Конкурсот за запишување нови студенти што УКИМ го објавува секоја година, при што се води сметка и за преземените обврски на Универзитетот, согласно со меѓудржавните договори за научно-техничка соработка и за меѓууниверзитетската соработка-стои на официјалната страна на Универзитетот. Странските државјани според нив, се запишуваат на факултетите на УКИМ без полагање на приемен испит, освен на следниве факултети: Архитектонскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Факултетот за музичка уметност, Факултетот за ликовни уметности, како и на студиските програми: англиски јазик и книжевност и преведување и толкување (англиски јазик, германски јазик и француски јазик) на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. За одделни факултети, односно студиски програми се утврдени квоти за запишување странски државјани, нивниот број и износите на годишната школарина.Најевтината школарина е 800, а најскапата до 2000 евра годишно.
“Селекцијата на кандидатите се врши според соодветноста на претходно завршеното средно образование во однос на студиската програма за која се пријавуваат и според успехот од средното образование.Официјален јазик на кој се изведува наставата на студиските програми на УКИМ е македонскиот јазик. Во учебната 2014/2015 година, на Универзитетот се организира настава на англиски јазик на две студиски програми: политички студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и компјутерски науки и инженерство на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Студентите - странски државјани сами ги покриваат трошоците за сместување.Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ организира подготвителна настава по македонски јазик за странските државјани која ќе се одржи во зимскиот семестар во тековната 2014/2015 г. и ќе биде во времетрање од три месеци”-стои на официјалната страна на УКИМ.Во Македонија има 20 високообразовни институции. Со новите законски решенија, на македонските факултети може да се запишат странски студенти, но не повеќе од 10 отсто од вкупниот број студенти на факултетот или на студиската програма. С.Б.
Слично
