Економија, финансии, бизнис

Контакт

Странски инвеститори: Eдни доаѓаат, други си заминуваат

Странски инвеститори: Eдни доаѓаат, други си заминуваат

Додека едни странски инвеститори во земјава отвораат нови погони, други ги затвораат веќе постоечките. Владата пред неколку дена најави дека во земјава ќе влезат три нови странски компании, каде ќе се вработат 2.500 луѓе, но никој не кажува што се случува со Вистеон Електорникс, компанијата од Бунарџик која најави затворање на погоните, по десет години односно кога веќе завршува и можноста за добивање државни субвенции.

Една од трите најавени нови странски инвестиции која веќе потпиша договор  е Германската СТС Текстајлс. Во погоните на поранешна Свилара во Велес треба да започне со производство на текстил. Првичната инвестиција е 4 милиони евра и вработување на 50 луѓе, а во наредните пет години инвестицијата треба да изнесува седум милиони евра и да се вработат  1.000 луѓе.

Дел од економистите сметаат дека тоа што во земјава во време на длабока политичка криза се промовираат нови странски инвестиции може да е добар политички трик, кој никој не знае колку тоа ќе го чини буџетот на државата.

„Во трката за профит, странскиот капитал се лоцира таму каде што може да смета на максимизирање на профитот. Ние не располагаме со прецизни податоци за поволностите штоима се нудат на странските компании и, доколку со таквите поволности се покрива евентуалниот ризик од политичката нестабилност, немаат причина зошто да не инвестираат во земјава, вели универзитетскиот професор Сами Беслими.

Економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ смета дека во предизборието граѓаните ќе се изнаслушаат секакви ветувања, за се и сешто, па дури и за странските инвестиции, но додава дека реалноста е малку поинаква.

“Реалноста покажува дека во првите 7 месеци оваа година во Македонија влегле околу 170 милиони евра странски директни инвестиции, што е исклучително ниско ниво, т.е. само 10 милиони евра повеќе од истиот период минатата година. Притоа, ниското ниво на странски инвестиции не е само заради политичката криза. Од 2009 година наваму ние постојано имаме странски инвестиции од околу 200 милиони евра годишно. Тоа укажува дека проблемот е многу подлабок, вели Бранимир Јовановиќ, економски истражувач.

Според Јовановиќ просторот за привлекување на странски инвестиции е исцрпен, и владата треба да се фокусира на домашните инвеститори.

„Ако не можевме да привлечеме странски инвеститори со 60 роуд шоуа на кои одеа високи државни функционери, со бројни и скапи реклами во странски медиуми, со економски промотори во 20-ина земји, со тројца министри за привлекување странски инвеститори, со целосно ослободување од даноци, со субвенционирање до 70% од вредноста на инвестицијата, со покривање на 70% од платите на вработените, тешко дека ќе можеме да привлечеме на кој било друг начин. Затоа, треба да се фокусираме на домашните инвестиции, и државата треба многу повеќе да се вклучи во ова, заклучува Јовановиќ.

И додека власта помпезно го најавува влезот на новите странски инвестиции, нема одговор што се случува со компанијата Вистеон Електорникс, чиј менаџмент најави дека до крајот на годинава ќе ги затвори погоните во Бунарџик. Оваа компанија, беше првата инвестиција во Бунарџик, но под брендот на Џонсон Контролс, кој кога вршеше продажба на дел од своите сектори на глобално ниво, ја продаде и фабриката во Бунарџик, со што таа премина во сопственост на Вистеон Електорникс. 

Па така, Вистеон Електорникс ги наследи Џонсон Контролс, која сега  по десет години постоење на погоните, односно кога веќе не може да добива субвенции од државата најави дека до крајот на годинава ќе стави клуч, иако тоа не го врзуваат со немањето можност за нови субвецнии од државата. Едниствено што соопштија од Висетон Електорникс е дека бараат компанија што ќе сака да ги купи погоните во Бунарџик. А доколку тоа се случи, тогаш новиот инвеститор повтоно би добивал државни субевции.

Сепак, што точно се случува во оваа компанија засега нема конкретен одговор, но економистите сметаат дека слабоста а ваквиот начин на привлекување на странски инвестиции се гледа токму во моментот кога нивните поволности завршуваат, по што тие најчесто одлучуваат да се преселат на друго место.

„Ефтината работна сила, фискалните и други поволности, додека траат, се привлечни за странските инвеститори, оти тие во суштина не инвестираат во ништо што не би можеле, утре, задутре, кога ќе престанат да важат тие поволности, да вршат преселба на капиталот во други поатрактивни места, смета Беслими.

Економистите сепак сметаат дека и покрај позитивниот тренд, обемот на странските директни инвестиции во земјата се далеку под нивото од другите земји од блиското опкружување“,

Наташа Стојановска 


Слично

Поврзани вести