Странски експерти советуваат македонски компании
Денеска Јуриен Лози, координатор-експерт од Програмата за испраќање еминентни експерти од областа на пекарството, од Холандија ја посети компанијата „Чеза комерц“во рамки на проектот за странски експерти во домашни компании.
Како координатор на повеќе од 100 експерти во пекарството од ПУМ, Лози за една недела ќе посети четири компании во Македонија.
- Целта на мојата посета е да ја скенирам состојбата во Македонија и да посетам неколку компании тука за да видам каква помош им е потребна. Извозот во многу случаи е главното прашање, но треба да се види и како компаниите да го развијат и зголемат извозот како на локалниот, така и на странскиот пазар, рече Лози, кој за ПУМ изработил 10 проекти низ целиот свет, помагајќи им на компаниите, главно за прашања поврзани со маркетингот. Инаку, тој 16 години работел во „Хајнекен“ и 10 години во индустрија за пекарство, во областа на маркетингот.
Роберто Павлов, косопственик на компанијата „Чеза комерц“, изрази надеж дека ќе имаат експерти кои ќе им овозможат да добијат нови знаења, нова технологија, а со тоа можност да се влезе во нов инвестициски циклус кој ќе донесе нови резултати, раст и извоз.
Според планот на Владата на секои 45 до 60 дена во Македонија ќе присуствуваат по 15 странски експерти, така да во еден догледен период од една година треба да поминат сите оние 100 компании коишто изразиле интерес на отворениот владин оглас.
Досега во Македонија, беа експерти од областа на информатичката индустрија и од областа на прехранбената индустрија, истакна денеска владиниот портпарол.
- Сега сме во очекување на оние експерти коишто ќе дојдат и ќе работат во компаниите од областа на туризмот, на производството, градежништвото, прехранбената индустрија и очекуваме дека со нивните совети, како и оние во минатото што ги даваа на нашите компании ќе се придонесе за дополнителен раст на самата дејност на претпријатијата, за подобра профитабилност, ефикасност, ефективност и продуктивност во секој аспект на фунцкионирање на претпријатието, вели Александар Ѓорѓиев.
Слично
