Странци добиваат државна помош за инвестиции надвор од технолошките зони, лани им се одобрени повеќе од 18 милиони евра
На четири странски инвеститори им биле одобрени високи суми на државна помош за инвестиции во земјата, за проекти надвор од технолошко-индустриските развојни зони во текот на минатата година. И актуелната и претходната власт ги најавуваше пред јавноста со организирани настани, но без да биде кажано, барем за граѓаните да имаат некаква претстава колку државни пари ќе се потрошат, дека за тоа ќе бидат исплатени повеќе од 18 милиони евра. Станува збор за таканаречена „регионална помош“ за инвестициски проекти. Сумите ги објави Комисијата за заштита на конкуренцијата во својот годишен извештај.
Во продолжение ви ги претставуваме четирите инвестиции од овој тип, за кои ќе биде исплатена висока сума на пари од држаавната каса.
- ТТ Кабели, компанијата за производство на нисконапонски кабли, управувана од поранешниот градоначалник на Неготино, Тони Делков, доби државна помош за изградбата на новата фабрика „Кабекс Каблес“, инвестиција што доаѓа од БИХ. Според договорот потпишан со Владата во февруари минатата година, сумата што треба да ја добие е 6.250.000 евра.
Инвестицијата што минатата година ја најави босанската групација ТТ Кабели, која ќе биде лоцирана во новата индустриска зона, во индустрискиот парк на компанијата ИГМ, во близина на стариот автопат Неготино – Скопје, треба да изнесува 20 милиони евра.
„Инвестицијата во нова фабрика во Северна Македонија и обезбедува на нашата групација нов опсег на кабли за сигнал, контрола и инструменти, како и проширување на постоечките капацитети за нашата продажна мрежа. Новата фабрика има капацитет од приближно 30.000 тони кабли низ 30 производни линии. Оваа инвестиција ќе создаде 90 нови висококвалитетни работни места и деловни можности за приближно 100 локални добавувачи, поттикнувајќи го економскиот развој не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион“,гласеше најавата на инвеститорот.- ЕпсоТек, германска компанија која произведува повеќе од 3.000 производи од рециклирана пластика, ќе добие 3.450.000 евра државна помош, според договорот потпишан со Владата на 21 август минатата година. Претставници на новата власт веќе го посетија инвеститорот и организираа настан, а веднаш потоа се огласи и претходната власт дека проектот бил договаран во нивно време.
Станува збор за фабрика во Петровец. Компанијата веќе работи во пет држави во Европа и развива приспособени пластични решенија кои се аплицираат во автомобили, автобуси, возови, авиони, медицински возила. Првичната инвестиција е 20 милиони евра, а во фабриката ќе бидат вработени 110 луѓе, главно инженери и машинисти.
„Ние сме познати по тоа што користиме рециклирани производи во нашето производство. Не само наши, туку ги користиме и материјалите на нашите клиенти и со тоа користиме материјали и од зелената и од сината економија, односно ги рециклираме материјалите и од земјоделската гранка или од рибарството. Со тоа на материјалите им даваме нов животен циклус, а играме мошне битна улога и во животната средина и во намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид“, рекоа претходно од ЕпсоТек.
- Бреинчајлд Продукција во пелагонсиот регион ќе инвестира повеќе од 13,5 милиони евра преку основање две нови компании, едната во делот на производството, а другата ќе биде фокусирана во активности за истражување и развој, беше најавено уште во 2023. Вредноста на планираната инвестиција во производство е 11,5 милиони евра, со што ќе отворат 275 нови работи места во наредните пет години, а со проектирана цел за 10 години да се реализираат вкупно 530 вработувања.при тоа владата информираше дека во делот на истражувањето и развојот, Бреинчајлд планира инвестиција од два милиони евра, која ќе создаде 35 нови работни места, со што се зголемуваат можностите за граѓаните од Пелагонискиот регион.
Бреинчајлд произведува спортска опрема наменета за водените спортови со ветер, односно опрема која се користи за сурфање на водени површини, а за новите два проекта ќе добие вкупно 5.500.000 евра, според договорите потпишани на 23 септември.
„За реализација на инвестициите компанијата веќе има обезбедено градежни парцели во индустриската зона Жабени, а во моментов сме во фаза на подготовка на договорите за државна помош согласно Законот за контрола на државна помош“, беше кажано тогаш од претставници на владата
- Последната државна помош одобрена минатата година за инвестиција од ваков тип е онаа на ДМ Бау Интернационал. Договорот е склучен исто така на 23 септември 2024, а премиерот Христијан Мицкоски го најави во јавноста на крајот од минатата година. Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека државната помош изнесува 3.500.000 евра. Се работи за производител на модуларни објекти, а локацијата е одредена да биде во близина на Куманово.
Во следните пет години било предвидено да се вложат седум милиони евра и ќе се отворат 200 нови работни места. Во сопственост е на наш сограѓанин, со потекло од Македонија, кој живее и работи во Швајцарија, но одлучи своите инвестициски планови да ги реализира токму во нашата земја, истакна своевремено Мицкоски.
Според премиерот, договорот за државна помош предвидува инвестиција од најмалку седум милиони евра во следните пет години и најмалку 200 нови работни места. „Инвестицискиот план вклучува вложувања во купување на земјиште, целосна изградба на погоните и нивно опремување со машини и опрема за производство на модуларни објекти со различна намена“, наведе Мицкоски.
А.К.