Стотици Сиријци со лажни грчки пасоши
Стотици луѓе, помеѓу кои голем дел бегалци од конфликтот во Сирија, се снабдуваат со лажни грчки документи поради големата контрола на границите, објави „Ројтерс“.
Шестмина странци се уапсени од грчката полиција во областа Атика и на островот Лезбос во рамките на масовните операции за разбивање на организирани мрежи кои ги снабдуваат со фалсификувани пасоши бегалците и мигрантите, кои влегле во источниот дел на Егејското Море, јавуваат грчките медиуми.
Десет лица се уапсени во операцијата на грчката полиција, објави „Ројтерс“.
Фалсификуваните документи на сириските граѓани се подготвувале во два апартмани на островот Лезбос. Со нив биле уапсени и странци кои сеуште не се идентификувани од полициските власти, за да ги спроведуваат кон копното на Грција.
Пасошите се користат првенствено за патувања од Грција со авион. Полициски службеник, кој побарал анонимност, изјавил за „Ројтерс“ дека „криминална организација обезбедила до моментов над 100 грчки пасоши и лични карти, и за нив наплатувала помеѓу 300 и 700 евра, во зависност од документот“.
Според него помеѓу уапсените има државјани на Пакистан и Авганистан.
Во меѓувреме, властите во Костарика соопштија дека уапсиле во главниот град Сан Хозе 25-годишна сиријка со фалсификат грчки пасош.
