Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стотици милијарди причини за откуп на сопствени акции

Стотици милијарди причини за откуп на сопствени акции
Што би се случило кога голем инвеститор би сакал да продаде големо количество акции на неликвидна берза како македонската, како во случајов Истинвестор? Кој има пари да го исплати, во услови кога бројот на активни инвеститори на пазарот е десеткуван? Колку активни инвеститори има на пазарот? До каде би паднала акцијата на Гранит ако Истинвестор морал да продава? Како би се чуствувале тогаш другите малцински акционери, доколку акцијата се тргува повторно на 300 денари на пример како при распродажбите во 2009-та?  Пред три недели, најголемата светска нафтена компанија Ексон и покрај падот на профитот поради падот на цената на нафтата, објави зголемување на дивидендата за 2015-та година, 33 години по ред. Неколку часа потоа истото го направи и Шеврон, со 28 последователни години зголемување на дивидендата. Има ли подобар пример за општествена одговорност? Кеш на сметка квартално на секој акционер, штедач во пензиски фонд, инвестициски фонд, милиони задоволни акционери години по ред, плус капитална добивка од акциите - кога расте дивидендата расте и акцијата, нели, итн, итн. Но тоа не е се. Ексон за четири години освен што исплатил 42 милијарди долари дивиденди, потрошил и 71 милијарда долари за откуп на 11% сопствени акции. Тоа го платил од профитот од  151 милијарда долари за тие 4 години. Скоро два пати повеќе пари за откуп на сопствени акции отколку за исплата на дивиденда. Се штитат од преземање? Се плашат од преземање?... Ако некој има 334 милијарди евра колку што е пазарната капитализација...плус разумна премија(30-50%), мислам дека ќе продадат веднага. Кеш си е кеш. Слично е и кај најпрофитабилната светска компанија Епл: 172 милијарди долари профит за 4 години, од кои 36 милијарди долари за дивиденда и 106 милијарди долари за откуп на 12,5% сопствени акции. Значи три пати повеќе пари за откуп на сопствени акции отколку за дивиденда, да повторам: 106.000.000.000 долари (106 милијарди, не милиони – специјално појаснување по трет пат за оние што не прават разлика меѓу милион и милијарда) наплатени од продажба на Ајфон и Ајпад, платени од мене, тебе и милионите купци, завршиле на сметките на акционерите кои си продале акции на Епл. Тоа се 106 милијарди причини сите тие акционери да бидат задоволни од своето инвестирање во Епл. А да. Заборавив и да кажам дека акцијата на Епл од 2009-та до денес порасна 10 пати, од 80 долари на денешни 120, после сплит 7:1 во 2014. Да појаснам, со сплитот секоја акција се замени за 7, па една акција платена 80 долари сега би ја продале како 7 по 120 долари, еднакво на 840 долари. Плус секој квартал дивиденда, вкупно 44 долари. Чекај, и доларот порасна во меѓувреме 35-40%, од 42-43 на 55-58 денари?  Вкупно 1500% принос за 6 години... Да се вратиме на откупот на сопствени акции. Значи Ексон и Епл платиле 177 милијарди долари за откуп на сопствени акции за 4 години. За споредба, во македонските банки има се на се 4 милијарди долари депозити, што значи Ексон и Епл за четири години ВБРИЗГАЛЕ КАЈ СВОИТЕ АКЦИОНЕРИ САМО ЗА ОТКУП НА СОПСТВЕНИ АКЦИИ 44 пати повеќе долари од сите заштедени пари кои се држат во македонските банки. Или поинаку, да стане уште појасно: ако сите македонски заштеди се вложеле во Епл во 2009, и се продадат сега на тој ист Епл кој откупува, Македонија би добила околу 60 милијарди евра. И сега конечно заклучокот: Дилемата што е подобро за акционерите - да се врши откуп или да се исплаќа дивиденди има прост одговор (апропо неодамнешните текстови за Гранит објавени на вашиот портал): И ЕДНАТА И ДРУГАТА ВАРИЈАНТА, И БИЛО КОЈА НИВНА КОМБИНАЦИЈА СЕ СТАНДАРДНА ПРАКСА ВО СВЕТОТ И СЕ ПОДОБРИ ОТКОЛКУ НЕОТКУПОТ НА СОПСТВЕНИ АКЦИИ И НЕИСПЛАТАТА НА ДИВИДЕНДА, или од најлошата варијанта: крадење на фирмата и правење загуба и директна штета на акционерите, како што е случај во некои македонски апашки друштва, а божемски АД-иња, во кои малцинските акционери се заглавени со години без дивиденда, без профит, без откуп на сопствени акции, без ликвидност во тргувањето, без раст на акцијата, итн итн. Поради тоа нема нема ниту промет ниту провизии за брокерските куќи, централниот депозитар, македонската берза и комисијата за хартии од вредност, а инвеститорите немаат доволен избор за вложувања и немаат можност за излез на светските пазари  итн итн. Токму затоа ретките светли домашни примери  треба да се поздрават и охрабрат, што во оваа пригода и го правам. Како контра размислување гo предлагам и следново: што би се случило кога голем инвеститор би сакал да продаде големо количество акции на неликвидна берза како македонската, како во случајов Истинвестор? Кој има пари да го исплати, во услови кога бројот на активни инвеститори на пазарот е десеткуван? Колку активни инвеститори има на пазарот? До каде би паднала акцијата на Гранит ако Истинвестор морал да продава? Како би се чуствувале тогаш другите малцински акционери, доколку акцијата се тргува повторно на 300 денари на пример како при распродажбите во 2009-та? Колку би изгубил некој мал акционер на кого ете му затребал некој денар баш тогаш? Одговорот е  40%. Загубата би била и 90% за оние што плаќале 3.000 по акција во 2007-ма. А зголемувањето на фрее флоатот уште повеќе би го оневозможувал растот на акцијата. АКЦИЈАТА БИ БИЛА ДОТЕПАНА на ваков неликвиден пазар, се изнагледавме такви случаи на firesales за кои треба две три години за опоравување. Да резимирам: доброто корпоративно управување и контролата на акционерите врз компаниите во САД има за цел зголемување на профитот секоја година, при што компаниите се третираат како cashcow, крави за молзење, а акционерите на акционерски собранија носат одлуки компаниите да ги наградуваат СИТЕ свои акционери со милијарди долари исплатени како дивиденди и за откуп на сопствени акции. На сето се додаваат и капиталните добивки од акциите кога им расте профитот, дивидендата или се цел на преземање. И камо среќа законски да сме смееле и да сме биле паметни да си купиме акции од Епл во 2009-та, сега и ние ќе можевме да си ги продаваме на Епл со 1500% ќар, а дел од стотиците  милијарди долари кои се вртат во светските бизниси и берзи да се слеат и на некоја македонска трансакциска сметка. Методи Мајнов Забелешка: Текстот не е повикување за купување или продажба на било која акција од споменатите.
Слично

Поврзани вести