Стотина професори со потписи ги поддржаа студентите: Државниот испит не е „лекот“ за болестите од кои страда високото образование!
Денеска стотина професори со својот потпис им дадоа поддршка на студентите во борба против Измените во законот за образование и воведувањето на државен испит на факултетите.
Во нивното отворено писмо до Владата тие порачуваат дека државниот испит не е „лекот“ за болестите од кои страда високото образование!
Во текстот подолу ви го претставуваме целото отворено писмо во интегрална форма, а истото може да го прочитате и на официјалната страна на Студентскиот пленум на фејсбук , каде што може да видите кој се се потпишал!
„Во пресрет на уште една измена на Законот за високото образование, петнаесетта по ред за само шест години, се повторува „процедурата“ од 2008 година кога беше донесен овој Закон. Без суштинска дебата со чинителите во високото образование, без наша консултација и дури и без анализа на состојбите, се воведуваа законски реформи не по сила на аргументите, туку како резултат на произволна политичка моќ. Ако во изминатите години гласот на професорите се одбиваше од ѕидот на власта, а нашите предлози се отфрлаа без должно внимание, сега за првпат пред Вас стоиме солидарно со нашите студенти. Иако ѕидот е сега повисок од кога било порано, правиме обид да Ве предупредиме јавно и Вас и целата македонска јавност дека наближува мигот во кој ќе го заковате последниот клинец во мртовечкиот ковчег на автономијата на универзитетот!
Во ситуација кога официјалните Студентски парламенти стојат занемено пред ликот на Моќта и кога заборавија на својата основна функција да го претставуваат интересот на студентите, се појави алтернативно движење - Студентскиот пленум - во кое спонтано се здружија студентите од сите универзитети, од сите етнички и верски групи, легитимирајќи се единствено со она што ги обединува - индексот и статусот на студенти. Веќе цел месец, со серија дејства и настани (од консултации, трибини, општење преку медиумите и масовни протести) се обидуваат да го урнат Вашиот ѕид на молк и игнорирање. Наместо одговор, тие се соочија со етикетирање и дисквалификации, заедно со дел од нас, професорите, кои надлежните ги квалификуваат како „структури“. Тргнувајќи од фактот дека Универзитетот е заедничкиот дом на студентите и професорите, а дека академската заедница не ја сочинуваат само професори (уште помалку деканати и ректорати), туку и студентите, ние долупотпишаните одлучивме да чекориме заедно во битката за нашите академски права, слободи и интегритет. Ова отворено писмо е израз на нашата индигнација и протест. Ова е нашиот (де)марш до институциите, кои не само што не нé испочитуваа додека расправавме во нашите колегиуми и наставнички совети во врска со концептот и предлог законите, туку, и без да се дочекаат нашите официјални одговори, нe`понижија пред ТВ камери во обид да нe` соочат со политика на свршен чин. Ве уверуваме дека наспроти сите обиди во јавноста да бидеме дискредитирани и прикажани како корумпирани, неспособни и неодговорни, нашата мисија отсекогаш била и останува квалитетот на високото образование. Повеќепати сме укажувале на проблемите со кои се соочуваме, како и на потребата од радикална реформа, реформа од корен, во која ќе се дојде до сосема нов законски текст и до преиспитување на Вашата политика на хиперпродукција на универзитети и факултети, кои не ги задоволуваат минималните услови за вршење на дејноста. Тие не само што се погубни за целината на високото образование, туку и создаваат нелојална конкуренција и доведуваат до беспоштедна комерцијализација на високото образование. Какви и да се решенијата, опоменуваме дека автономијата на универзитетот е уставен принцип, темелна вредност и conditio sine qua non за квалитетното високо образование, неопходно за развој на Република Македонија како европска земја на знаење. Најодговорно тврдиме дека државниот испит не е „лекот“ за болестите од кои страда високото образование! Ваквиот државен интервенционизам во автономијата на универзитетот е знак на непочитување, непризнавање и потценување на сопствената национална академска заедница, нешто што ниту една власт во светот не би го направила доколку држи до националните вредности. Ова е директен удар врз уставно загарантираната слобода на образование, бидејќи државата одлучува кој може да дојде до диплома, а кој не е способен за тоа - и така го супституира универзитетот во етатистички манир. Доколку е високото образование неквалитетно и студентите не располагаат со потребните знаења, треба да се бараат причините, а не да се залечуваат последиците. Со најновите законски решенија, кои го надминуваат прашањето за државниот испит, Вие го укинавте универзитетот како таков. Одбиваме да бидеме ставени во ист кош со оние што можеби навистина не се достојни за мисијата универзитетски професор. Бараме реформи, но и отворен и искрен дијалог во кој ќе проговориме за сите чинители кои довеле до нивото на кое денес се наоѓа високото образование и состојбата во која е невозможно во инфлацијата на дипломи (вклучително магистерски и докторски) да се утврди нивната вистинска вредност и да се диференцираат сјајните кадри од просечните или дури и потпросечните. Подготвени до крај да (оп)стоиме заедно со нашите студенти, апелираме да ја прекинете започнатата постапката за измена на законот. Доколку се оглушите на овие укажувања, сметајте на силен отпор во академската заедница и на соочување со сите негови академски и граѓански облици. VIVAT ACADEMIA!!!“
