Стотина фирми казнети поради „Мој ДДВ“
Сања Лукаревска, директорката на Управата за јавни приходи, објави дека откако почна скенирањето на фискалните сметки, над 100 компании се казнети за неиздавање на фискални сметки и посочи дека со оваа мерка се на прав пат да ја намалат сивата економија.
– Од 1 јули започнавме со реализација за проектот Мој ДДВ односно поврат на 15 проценти од платениот ДДВ кон граѓаните кој има за цел да ги врати парите кај граѓаните и да придонесе за намалувањето на сивата економија. Заклучно со денешниот ден бројот на корисници е 183.572, скенирани се 38.514.016 фискални сметки, а остварен е прометот од 18.877.173.838 денари. Повратот од 15 проценти е во висина од 4.986.000 евра, рече Лукаревска на конференцијата по повод 25-годишнината од формирањето на УЈП.
Таа потсети уште еднаш дека исплатата за првото тромесечие, за јули, август и септември ќе започне во декември и апелираше до корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“ да го внесуваат точниот број на трансакциската сметка.
