Економија, финансии, бизнис

Контакт

СТОРИЈА: Како го победив ракот на дојка!

СТОРИЈА: Како го победив ракот на дојка!
Ракот на дојка коси во Македонија. Веднаш зад кардиоваскуларните болести малигните неоплазми се на второ место во структурата на причините за смрт на населението. Лекарите велат дека ракот на дојка има најголема стапка на морбилитет кај жените. Црната статистика покажува дека во 2012 во земјава починале вкупно 285 жени. Октомври е месец кој треба да подигне свеста за борба против рак на дојка. Бројките според лекарите не треба да служат за заплашување на населението,  туку за подигнување на јавната свест кај женската популација дека болестите на дојката може да се превенираат и рано да се откријат. Бројките сами по себе,  според нив  се незначителни,  ако се земе во предвид траумата, емоциите и патешествијата кои ги поминуваат жените кај кои е дијагностициран рак на дојка. Педесет и четири годишната скопјанка Добринка Младеновска за Фактор ја сподели својата животна приказна. Таа се сеќава дека пред околу десет години на случаен самопреглед забележала промена и болка на едната дојка. Лекарите веднаш по прегледот и го потврдиле сомнежот. Кај неа бил дијагностициран рак, но не не само на едната,  туку на двете дојки. Ова за неа бил двоен шок, кој многу брзо и по интервентна постапка завршил со хируршки зафат.
“Оваа информација за мене беше шок, неверување. Па јас имав само 45 години! Две деца средношколци, кои беа на половина пат. Моите грижи беа како да ги насочам кон вистинскиот пат, а сега се соочив со страотна препрека. Сериозна за моето здравје. По првичниот лекарски преглед кога ми беше кажано дека се зафатени и двете дојки,следеше биопсија, дополнителни прегледи и операција. Се за околу десетина дена,  бидејќи болеста беше во напредната фаза. И додека да бидам свесна што ми се случува, целиот живот ми поминуваше пред очи. Но кога видов дека многу други жени го поминуваат истиот животен кошмар, решив да се борам. За себе, за моите деца, за сопругот, за семејството”-раскажува Добринка Младеновска.
Нејзината борба продолжува со терапии, прегледи. Се сеќава дека многупати тагата и неизвесноста за текот на нејзиниот живот ја ставиле на тенка граница до депресија. Раскажува дека  веднаш по операцијата ја посетиле неколку жени од  здружението “Животна искра”. Tоа за неа во тој момент било повеќе од потребно, за да се соочи со болеста, со болката. И да тргне напред. Еден од најголемите активисти на здружението, Виолета Томовска,  дополнително ја охрабрила,  да не очајува  и со крената глава да ја помине најтемната епизода од нејзиниот живот. Од тогаш и Добринка активно се вклучува во женското здружение. Да помогне, ислуша, сподели. “Дијагностицирањето на болеста и лекувањето не е единствениот проблем. Поголемиот проблем е како да се соочите и да прифатите сами дека може да го надминете проблемот. Јас тоа го почувствував  на своја кожа.Дополнително што и мојата сестра исто така пет години пред мене беше оперирана од рак на дојка. Генетиката како еден од ризик факторите, според лекарите беше присутна токму во нашиот случај. Ова дополнително ме мотивираше да размислам сериозно колку е битно навреме да се превенира  болеста. Затоа на сите жени им порачувам навреме да прават редовни прегледи, да внимаваат на своето здравје, бидејќи еден ден во годината можат да бидат “себични” и да посветат внимание за себе” -додава Добринка. Кога се губат часовите ги цениме и минутите... Утеха и воља за живот и храбро да продолжи напред,  покрај семејството,  на Добринка и дала и уметноста. Вели дека кога си болен вистински знаеш што сакаш, што си сакал а си пропуштил да направиш. Денеска поради болеста користи инвалидска пензија и во моментите кои ги цени како најголема светост, дополнително ја мотивира нејзиното хоби да црта на стакло. Па така,  од обични шишиња прави уметнички дела, семејните прослави и подароците за пријателите ги прави уникатни и неповторливи. Во нивниот дом може да се видат слики, украси, чаши кои имаат душа и се правени со посебна љубов мотивирана од болката, среќата, тагата, радоста...Се со една цел, да облагородат, потсетат но и да покажат дека истрајноста и желбата за живот можат да ја победат најголемата болка. Нејзиниот пример не е ниту првиот ниту последниот во редот на оние кои секојдневно се соочуваат со болеста. Но, сигурно е мотив повеќе да се подигне јавната свест кај женската популација за сопственото здравје. СЗО: До 2025 може да се спречат дури 1,5 милиони смртни случаи предизвикани од малигни заболувања Според податоците на Светската здравствена организација малигните заболувања се меѓу главните причини за смртност во светот, а дури 70% од смртните случаи предизвикани од малигните заболувања се случуваат во сиромашните и земјите во развој. Со рано откривање, правилното дијагностицирање и третман на малигните заболувања според проекциите на СЗО,  до 2025-та година можат да се спречат дури 1,5 милиони предвремени смртни случаи предизвикани од малигни заболувања. Со околу 1.38 милиони новозаболени и 508.000 смртни случаи годишно во светот, ракот на дојката е најчеста форма на малигно заболување кај жените. Според анализите и студиите на здравствените експерти пушењето е најчест причинител на појавата на рак. Тоа е одговорно за повеќе од 20% од сите смртни случаи од рак во светот. Останати ризични фактори за појава на рак се: алкохолот, физичката неактивност и дебелината, слаба консумација на зеленчук и овошје, загадувањето на животната средина, HPV и хепатитис Б вирусите, ултравиолетовото и јонизирачкото зрачење, арсенот во водата за пиење, афлатоксините во храната. Сепак, кај поголемиот број жени со рак на дојка не можат да се идентификуваат специфични ризични фактори за појава на болеста. С.Б.
Слично

Поврзани вести