Стопанството млако за даночната реформа
Бизнисмените не се против зголемувањето на стандардот на граѓаните и треба да се знае дека не се против нивниот интерес, рече денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески пред вонредниот состанок на Управниот одбор на комората. Пред состанокот Азески одговараше на прашања на новинарите, а зборуваше и министерот за финансии Драган Тевдовски.
Азески рече дека прогресивното оданочување ќе предизвика за 35 отсто поголеми трошоци за плати за 50 отсто за другите давачки. Тоа е пресметка на некоја од членките, но се тврди дека допрва ќе се прават детални пресметки.
Состанокот е затворен за јавноста а од комората најавија соопштение со детали за тоа кои се клучните забелешки на стопанството. Сепак и покрај тоа што вчера се тврдеше дека бизнисмените ќе бараат пролонгирање на примената на новото решение, тоа денеска не беше јасно прецизирано. Азески вели дека документот не е официјален и може да се измени, иако претходно денеска, премиерот Зоран Заев изјави дека промената е изготвена и нема да има отстапки.
„Стопанската комора не се изјаснила уште, затоа што не сме го виделе законот во финалната верзија. Мислам дека ова не е официјален документ и дека може да претрпи измени. Бизнисот не е против подигнувањето на стандардот на граѓаните, сепак тоа мора да биде двонасочно, рече Азески.
Министерот Тевдовски тврди дека ќе има дебата иако роковите се кратки. Рече дека станува збор за праведно оданочување.
„Дополнителните приходи од 25 милиони евра ќе се пренаменат за социјални трансфери односно за минимален гарантиран приход кој ќе чини многу повеќе, вели Тевдовски.
Тој изјави дека буџетот не е усвоен уште но вели дека за оваа реформа има поддршка и од Европската Унија и дека и други земји имаат прогресивно оданочување. Најблизок пример била Албанија каде прагот е 950 евра и искуствата биле позитивни. Не смета дека ќе има зголемување на даночната евазија и дека со зголемувањето на данокот, дел од прогресивната работна сила ќе си замине од Македонија.
Прашан за тоа дали ќе си даде оставка ако реформата не успее рече дека е убеден во незјината успешност.
