Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стопанственици од Бурса заинтересирани за слободните економски зони

Стопанственици од Бурса заинтересирани за слободните економски зони

За инвестирање во Македонија се заинтересираа и стопанственици од турскиот град Бурса, но и за поволностите на слободните економски зони. Околу 25-мина од нив се во делегацијата која денеска е во посета на Македонија. Првата нивна инвестиција се очекува веќе во април.

Сарачини кој попладнево ја прими турската бизнис-делегација во Министерството за економија, детално и конкретно им ги презентирал можностите за инвестирање и им одговорил на прашањата за секторите за кои се најмногу заинтересирани.

- Најмногу им привлекоа внимание слободните економски зони. За жал, немале доволно информации, не ги знаеле нашите фискални бенефиции и другите поволности кои ги нудиме во зоните, изјави Сарачини.

На средбата биле присутни повеќе сопственици на текстилни компании заинтересирани да го прошират својот бизнис во Македонија, како и сопственици на фабрики кои произведуваат автоделови наменети за извоз и кои би сакале тоа да го направат и овде.

- Тоа е поради добрата бизнис-клима, можеби најдобра во Југоисточна Европа, почнувајќи од фискалните бенефиции кои ги даваме, евтината работна сила и очекуваме веќе во април да се реализира и првата инвестиција која бизнисмените ја најавија денеска. Најголем интерес има за зоната во Штип и за зоната во Тетово, затоа што има квалификувана работна сила во текстилната индустрија, рече Сарачини.

Министерот за економија очекува соработката да ја продлабочат и коморите, посебно откако е потпишан договор за соработка меѓу Стопанската комора на Македонија и Комората од Бурса, од која имаше претставници во бизнис-делегацијата. Тоа, според Сарачини, ќе им помогне на турските компании да најдат стратешки партнер  во Македонија  и да ги реализираат нивните инвестиции.

Од денешната средба е задоволен и Мустафа Крџе, претседател на Здружението на бизнисмени-индустријалци од Румелија во Бурса. Тој истакна дека имале можност прецизно да се информираат за можностите за инвестирање.

- Се надеваме дека нашето стекнато искуство и потенцијалот кој го имаме во Турција, со конкретни инвестиции, ќе ги пренесеме и овде, во Македонија. Има одлична клима за инвестиции и уверени сме дека  претставници од различни сектори кои се во делегацијата ќе имаат можност за инвестирање зашто се  нудат одлични можности и сосема солидна и евтина  работна сила. Сакаме да ги реализираме и сите други видови на соработка во различни сфери со оваа прекрасна земја, додаде Крџе.

Слично

Поврзани вести