Економија, финансии, бизнис

Контакт

Стопанственици бараат средба со Бектеши: Се предлага ново решение за замрзнатите маржи

Стопанственици бараат средба со Бектеши: Се предлага ново решение за замрзнатите маржи

Во врска со последната одлука, со која се определува највисоката трговска маржа до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 проценти на продажната цена во трговија на мало, како посебен услов во трговијата, донесена од Владата на РСМ на предлог на Министерството за економија, претставници на трговците на големо и на мало, како дел од Здружението за трговија и на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Северна Македонија, одржаа работна средба на која таа беше разгледана.

„Доколку намерата на Владата e заштита на социјалната категорија граѓани, домашните трговци на големо и на мало се подготвени за соработка. Во согласност со податоците, само за плати се издвојуваат 8 – 14 отсто од прометот, а со носењето на Законот за минимална плата и со нивното линеарно зголемување, тој процент ќе биде и повисок. На енергенси отпаѓаат 5 до 6 проценти, на одржување 7 до 10 отсто, а за плаќање закуп за простор од 3 до 4 проценти од вкупниот промет. Оттука, ако маржата се замрзне за одреден период, таа треба да биде во висина од 20 отсто во трговијата на мало, сметаат компаниите.

Истовремено, компаниите бараат и корекција на листата на производи, односно одлуката да се однесува само на основните производи во секторите опфатени со неа.

„Доколку Владата на РСМ не го прифати барањето за корекција на листата на производи, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат, што ќе има негативни последици врз работењето и на производителите и на самите трговци, велат оттаму.

Затоа, претставници од овие два сектора, со намера да помогнат во изнаоѓањето избалансирано решение за замрзнување на маржите во трговијата на големо и на мало, бараат итна средба со ресорниот министер. 


Слично

Поврзани вести