Стопанската комора: Во Скопје се плаќа нереално висока цена за собирање отпад
Стопанската комора на Македонија побара од скопскиот градоначалникот од Советот измена на Одлуката на цените на услугите за собирање и транспортирање на комунален отпад на подрачјето на Скопје.
Како што појасни Стојмирка Тасевска, советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија, согласно одлуката на Град Скопје од 7 јули годинава, за правни лица цената на услугите за собирање и транспортирање на комунален отпад во Град Скопје изнесува 5,50 денари по метар квадратен назависно од тоа колку фирмата генерира отпад и која количина се собира и се транспортира „Комунална хигиена“.
Според Тасевска, Законот дава можност цената да се пресметува по површина или по метар кубен генериран отпад, собран и транспортиран отпад или по килограм собран и транспортиран отпад.„Законската можност постои. Треба само измена на одлуката и обезбедување услови цената која ја плаќаат фирмите од Град Скопје да ја плаќаат за оваа услуга согалсно реално генерираниот отпад од нивна страна“, рече Тасевска.
По последните податоци фирмите согласно површината што ја имаат, оваа услуга ги чини од 200 евра по камион, до дури и 1.000 евра кај одредени фирми. Според Тасевска ова е навистина високо оптоварување наспроти реално направениот комунален отпад.
„Се надеваме дека оваа мерка ќе биде ставена во делот на антикрезни мерки, имајќи ги предвид тековните состојби во македонската економија. Со усвојувањето на оваа мерка ќе се исправи нелогичноста да се плаќа многу повеќе отколку што навистина треба да се плати спрема генерираниот отпад“,бараат од Стопанската комора на Македонија.
