Стопанската комора се надева на позитивни економски движења
Очекувањата на Стопанската комора на Македонија за економската активност во втората половина од годината се позитивни за што потврда се податоците за растот на индустриското производство и зголемениот обем на работа во градежништвото.
Комората смета дека позитивните економски движења од првата половина од годината ќе продолжат и во второто полугодие и за неа е реалност дека планираните проекции за 2013 годината ќе бидат реализирани.
- Она што не охрабрува е дека прометот на индустриското производство се зголеми за 6,9 проценти и тоа на странскиот пазар за 12,8 отсто, бројот на работниците во индустријата за шесте месеци е пораснат за 0,6, а зголемена е и вредноста на извршените работи во градежништвото и вредноста на договорената работа за 18 проценти, истакна денеска на прес-конференција Стојмирка Тасева од Стопанската комора.
Според Комората, добро е и тоа што се забележуваат позитивни движења во туризмот, а има зголемување и на извозот.
Сепак, од Комората предупредуваат дека и покрај позитивните тенденции и очекувањата тие да продолжат и во иднина, треба да се биде претпазлив затоа што ризиците сеуште постојат. Сигурноста на позитивните економски тенденции и одржливоста ја гледаат во извозот и во реиндустријализацијата.
- Најголеми ограничувања за порастот на економските активности во нашата земја се недоволната странска и ограничената домашна побарувачка, финансиските проблеми и неизвесноста на економското опкружување. Треба да бидеме претпазливи и треба да се работи позитивната тенденција да се стабилизира и да и се обезбеди одржлив развој, рече Тасева.
Најважно е, велат од Комората, вложување во модернизацијата на постојните капацитети и поттикнување на инвестициите за нови капацитети согласно барањата на пазарот.
